Словенија го истражува „Блек кјуб“ и мешањето во изборите

Словенечкиот парламент денеска, 23 октомври, по четврти пат ја разгледува иницијативата за парламентарна истрага за аферата „Блек кјуб“, поврзана со сомнежи за организирано влијание врз парламентарните избори во март. Пратениците бараат да се утврди кој го ангажирал и платил израелското приватно разузнавачко претпријатие, зошто негови претставници го посетиле седиштето на партијата СДС и дали тајните снимки биле дел од операција за влијание врз гласачите.

Иницијативата ја поднесоа опозициските партии „Движење Слобода“ и „Левица“, кои со месеци бараат парламентарна истрага за една од најголемите политички афери во Словенија оваа година.

Претходните три обиди не успеаја. Во јуни и јули парламентарното мнозинство не ги прифати дневните редови на седниците на кои требаше да се разгледува истрагата, додека во септември точката беше повлечена со образложение дека треба да се почека исходот од референдумот за законот за парламентарна истрага.

Референдумот се одржа на 11 октомври, а предложените законски измени беа отфрлени.

Во центарот на случајот е израелската компанија „Блек кјуб“, основана од поранешни припадници на разузнавачките служби, која се занимава со прибирање информации за своите клиенти.

Аферата избувна непосредно пред парламентарните избори на 22 март, кога во јавноста се појавија тајно снимени разговори со лица од политичкиот и деловниот живот на Словенија.

Снимките содржеа наводи за корупција и злоупотреба на политичко влијание, но истовремено се отворија прашања за начинот на нивното прибирање, монтажата и времето на објавување.

Словенечката разузнавачка агенција СОВА во март соопшти дека утврдила активности на претставници на „Блек кјуб“ поврзани со обиди за влијание врз изборниот процес.

Според тогашните информации, претставници на компанијата во неколку наврати престојувале во Словенија, а на 11 декември 2025 година тројца од нив се задржале на улицата во Љубљана каде што се наоѓа седиштето на Словенечката демократска партија (СДС) на Јанез Јанша.

Меѓу идентификуваните лица биле основачот на компанијата Дан Зорела и поранешниот висок израелски безбедносен функционер Ѓора Ајланд.

Поранешниот премиер Роберт Голоб тогаш ги оцени активностите како сериозен обид за странско мешање во демократските избори и побара европска истрага.

Случајот доби дополнителна тежина во мај, кога словенечките власти соопштија дека добиле резултати од форензичка анализа на снимките изработена во странска лабораторија.

Тогашниот државен секретар за национална и меѓународна безбедност, Војко Волк, изјави дека постојат индиции за манипулација со објавените материјали, со цел влијание врз изборите и врз волјата на гласачите.

Според него, користењето кратки извадоци од подолги разговори е метод што може да ја промени смислата на изјавите и да создаде посакуван политички ефект.

Сепак, целосните резултати од форензичката анализа не беа јавно објавени, а кривичната истрага продолжи под надзор на обвинителството.

Јанша и неговата партија ги отфрлија обвинувањата дека нарачале незаконско снимање или организирале мешање во изборите. Од СДС тврдат дека во јавноста не се претставени докази за нивна одговорност и инсистираат вниманието да се насочи и кон корупциските сомнежи што произлегуваат од снимките.

Политичкиот спор сега се пренесува во парламентот, каде што се појавија две различни иницијативи за истрага на истата афера.

На 22 октомври парламентот веќе одобри посебна истрага, предложена од СДС и други партии, која треба да испита дали словенечката разузнавачка агенција и полицијата биле политички злоупотребени при објавувањето информации за „Блек кјуб“.

Опозициската иницијатива, која се разгледува денеска, има поинаков фокус. Таа треба да утврди кој ја нарачал и финансирал операцијата со тајните снимки, какви биле контактите со политичките партии и дали постоела намера да се влијае врз изборниот резултат.

Паралелно се бара парламентарна истрага и за сомнежите за незаконско финансирање политички партии преку поврзани деловни и медиумски структури.

Парламентарните избори во март завршија со тесен резултат меѓу „Движење Слобода“ и СДС, а аферата со тајните снимки беше една од главните теми во завршницата на кампањата.

Досега не е судски утврдено кој ја нарачал операцијата, ниту дали конкретна политичка партија незаконски соработувала со „Блек кјуб“.

Со отворањето на парламентарните истраги, Словенија се обидува да добие одговори за улогата на приватните разузнавачки компании во политичките кампањи, за евентуалното странско мешање и за постапувањето на домашните безбедносни институции.

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?