Дневниот студентски оброк да се зголеми од сегашните 140 на 200 денари, односно за 60 денари, се предлага со амандман на вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година. За зголемувањето се бараат дополнителни 200 милиони денари, или околу 3,25 милиони евра, а одлуката е во рацете на пратениците.
Предлогот доаѓа во време кога Собранието го разгледува ребалансот на Буџетот, за кој се поднесени вкупно 124 амандмани.
Со конкретниот амандман се предлага зголемување на дневниот износ за студентски оброк за речиси 43 проценти, со цел да се ублажат последиците од поскапувањето на храната и растот на животните трошоци.
Во образложението се наведува дека сегашниот износ од 140 денари не е доволен за покривање на основните потреби на студентите.
„Имајќи ја предвид инфлацијата и континуираното зголемување на цените на храната и основните животни трошоци, досегашниот износ на студентскиот оброк не е доволен“, се наведува во образложението на амандманот.
Предлагачите сметаат дека зголемувањето ќе придонесе за подобрување на животниот стандард на студентите, намалување на финансискиот товар врз нивните семејства и создавање подобри услови за редовно студирање.
Предложените 200 милиони денари претставуваат дополнителни средства што треба да се обезбедат во рамките на Буџетот.
Дали студентите ќе добиваат по 200 денари дневно ќе зависи од исходот на амандманската расправа и понатамошната собраниска постапка.

