СДСМ реагира на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека очекува добри односи со Србија и по победата на студентската листа, обвинувајќи го за политичка и деловна поврзаност со Александар Вучиќ.
Од опозициската партија прашуваат како Мицкоски ќе гради доверба со студентите, кога, според нив, го поддржувал Вучиќ во периодот на протестите и насилството врз демонстрантите.
„Како да има добри односи со студентите кога Вучиќ им праќаше силеџии да им ги кршат главите, а во тоа време Мицкоски со него пиеше вино?“, наведуваат од СДСМ.
Партијата ги поврзува студентските протести по трагедијата на железничката станица во Нови Сад со прашањето за одговорноста за пожарот во Кочани. Според СДСМ, двата случаи ја покажуваат потребата од борба против корупцијата и од утврдување институционална одговорност.
Во соопштението се изнесуваат и обвинувања за поврзаност на Мицкоски со деловни и медиумски структури блиски до Вучиќ. СДСМ го отвора прашањето за работењето на Алта банка во Македонија и тврди дека јавни претпријатија и министерства насочуваат средства кон банката. Партијата го критикува и присуството на медиумските групации „Ало“ и „Информер“, кои ги опишува како дел од пропагандната мрежа на српската власт.
Од СДСМ дополнително обвинуваат за организирање поддршка за Вучиќ преку собири и испраќање учесници на митинзи во Белград.

