ЕУ пишман аџија за Канада?

Канада требаше да добие понуда за прва „придружна членка“ на Европската Унија, но пред самитот во Монтреал европските влади ја менуваат формулацијата. Според „Политико“, во најновиот нацрт на заедничката декларација, наместо придружно членство, стои ветување за сè потесно поврзување со Унијата, без полноправно членство.

Идејата ја изнесе претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во септемврискиот говор за состојбата на Унијата. Но нејзината најава изненади дел од европските престолнини. Германија, Франција, Италија и Грција се меѓу земјите што се спротивставиле на споменувањето придружно членство во декларацијата, наведува „Политико“, повикувајќи се на дипломати.

Претходната верзија предвидувала до самитот ЕУ-Канада во 2027 година да се дефинира што би значел новиот статус. Преработениот документ го задржува рокот за разработка на поблиското поврзување, но ја отстранува ознаката „придружна членка“. Текстот сè уште подлежи на конечно одобрување, па промената засега се однесува на нацрт-декларација.

Разликата меѓу политичката најава и договорот меѓу членките е видлива и на официјалната страница на Европската комисија. Таму Канада и натаму е претставена како првата земја поканета да стане придружна членка. Комисијата ја опишува замислената соработка преку заеднички инвестиции во критични минерали, отстранување на дигиталните трговски бариери и поврзување на одбранбените индустрии.

Повлекувањето на формулацијата не значи и откажување од поблиското партнерство. Канадскиот премиер Марк Карни ќе ги пречека Фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на самитот на 29 и 30 октомври. Во најавата од неговиот кабинет се наведуваат нови извозни можности и поголеми можности за работа, студирање и престој од двете страни на Атлантикот.

Односите веќе се потпираат на трговскиот договор ЦЕТА и на стратегиското партнерство. Канада учествува и во европскиот инструмент САФЕ за заеднички одбранбени набавки, што овозможува канадски компании и производи да бидат вклучени во набавките на членките.

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?