Како Скопје од град со ориентален изглед прераснувало во модерна урбана средина и колку од неговото архитектонско наследство е зачувано денес? Историјата на урбанизацијата, развојот на градот и предизвиците за зачувување на неговиот идентитет ќе бидат во фокусот на панел-дискусијата „Времеплов – првите чекори кон урбанизацијата на Скопје“, која ќе се одржи денеска, 29 октомври.
Настанот е во организација на Српскиот културно-информативен центар „Спона“, како дел од проектот „Времеплов“, посветен на урбанистичкиот развој на модерно Скопје во првата половина на 20 век.
Панел-дискусијата ќе се одржи во Домот на културата „Кочо Рацин“, од 11 до 13 часот.
За архитектонското наследство и урбанистичките промени ќе зборуваат архитектот и декан на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот „Американ колеџ“, проф. д-р Мишко Ралев, архитектките Сања Раѓеновиќ-Јовановиќ и Ива Димовска-Рајчиноски, како и историчарот Милош Стојковиќ.
Во центарот на дискусијата ќе бидат првите урбанистички планови, архитектонските промени што го обликувале Скопје и значењето на зачувувањето на објектите што сведочат за неговата историја. Предвиден е и разговор со публиката.
Панелот е продолжение на документарната изложба отворена на 27 октомври, која преку историски фотографии и архивски материјали го прикажува периодот кога Скопје ги добивало контурите на модерен град.
Посебно место во тој развој има Јосиф Михајловиќ, градоначалникот кој во меѓувоениот период оставил значаен белег врз урбанизацијата и инфраструктурниот развој на Скопје.
Проектот „Времеплов“ е поддржан од Град Скопје, преку програмата за поддршка на манифестации и настани од значење за градот.

