Полицијата во изборната ноќ се подготвувала за директен судир со граѓаните откако безбедносните податоци укажале дека Александар Вучиќ ќе прогласи победа, изјави поранешниот командант на Специјалната антитерористичка единица (САЈ), Спасоје Вулевиќ.
Во интервју за неделникот „Време“, Вулевиќ посочи дека без сериозна лустрација нема шанси полицијата во Србија да започне да работи нормално. Тој предупреди дека спрегата меѓу организираниот криминал, безбедносните служби, политиката и бизнисот постојано ќе се обидува да ги задржи своите позиции.
Според неговите сознанија, за време на изборната ноќ на терен биле распоредени околу 4.000 полицајци. Од нив, 3.120 биле под полна опрема за разбивање демонстрации, додека останатите биле во цивилна облека. Инструкциите на командантите биле насочени кон одбрана на институциите по секоја цена, но немало наредба за отворање оган.
Вулевиќ наведе дека поголемиот дел од полицајците праќале сигнали дека ќе постапуваат воздржано и професионално. Сепак, на улиците биле присутни и посебни полициски формации предводени од началникот на Управата за криминалистичка полиција Марко Кричко и актуелниот командант на САЈ Игор Жмириќ. Нивната опрема и возила, според Вулевиќ, јасно укажувале на подготовка за конфликт со незадоволните граѓани.
Поранешниот командант се осврна и на големиот протестен собир во Белград од 15 март минатата година, тврдејќи дека против собраните граѓани било употребено акустично оружје за време на минутата молк. Тој истакна дека враќањето на довербата во полицијата ќе биде долг процес што бара итна и немилосрдна борба против корупцијата и криминалот во самите безбедносни редови.

