Сервал, був, свет ибис, берберска овца и американски ракун пристигнаа во Зоолошката градина во Битола преку соработката со Зоолошката градина во Белград, соопштија од установата.
Животните го поминале транспортот без проблеми и веќе се сместени во своите живеалишта. Нивната здравствена состојба ја следи ветеринарниот тим на битолската зоолошка градина.
Од Зоо Битола наведуваат дека соработката и размената меѓу зоолошките градини се важни за збогатување на животинскиот фонд, унапредување на условите за чување и едукација на посетителите. По пристигнувањето на животните, упатија благодарност до тимот од Белград.
Градината ги покани граѓаните да ја посетат претстојниот викенд и да ги видат новите животни. Битолската зоолошка градина, сместена на Тумбе Кафе, има повеќе од 400 животни од над 30 различни видови.
