Институтот за јавно здравје ги повика родителите и граѓаните да го проверат својот вакцинален статус и да ги надоместат пропуштените дози од МРП вакцината, која штити од мали сипаници, рубеола и паротит.
Апелот доаѓа поради недоволниот опфат со оваа вакцина во Македонија и регистрираните случаи на мали сипаници во дел од соседните земји. Од ИЈЗ укажуваат дека ваквата состојба бара зголемена претпазливост и навремено преземање превентивни мерки.
Особено е важно децата да ги примат двете дози од МРП вакцината согласно националниот Календар за имунизација. Лицата што ја пропуштиле вакцинацијата треба да се обратат во надлежните вакцинални пунктови за проверка и надоместување на пропуштената доза.
Од Институтот нагласуваат дека вакцинацијата е најефикасната мерка за заштита од мали сипаници и за спречување на нивното ширење. Навремената имунизација, посочуваат, ги штити и поединецот и целата заедница.
Граѓаните можат да добијат дополнителни информации за својот вакцинален статус и за вакцинацијата во најблискиот вакцинален пункт.
