Молотови коктели и грабежи по младинските протести во Германија

Ограбени продавници, запалени барикади и напади врз полицајци беа забележани во неколку германски градови вечерта на 31 октомври, по претежно мирните младински протести. Најтешките инциденти се случија во Франкфурт, каде што полицијата интервенираше со специјални единици и водени топови.

Во центарот на Франкфурт групи провалувале во продавници, кршеле излози и одземале стока. Според Ројтерс, кон полициските сили биле фрлани и молотови коктели. Полицијата ја затворила трговската улица „Цајл“, а до доцна вечерта биле приведени повеќе од 30 лица.

Франкфуртската полиција потврди материјална штета, кражби и сериозни физички напади врз службеници во подрачјето на „Хауптвахе“, „Констаблервахе“ и околните улици. Од граѓаните побара фотографии и видеоснимки што можат да помогнат во истрагата.

Инциденти имало и во Келн, каде што кон полицајците биле фрлани шишиња, пиротехнички средства и велосипеди. Според германските медиуми, кај маскирани лица биле пронајдени молотови коктели и чекани за итни случаи.

Полицијата во Келн утрово соопшти дека биле оштетени фасади и полициски возила и дека имало напади врз службеници. Сепак, според информациите со кои располагала до 6 часот, во градот немало потврдени грабежи на продавници.

Во Берлин, според објавените полициски податоци што ги пренесуваат германските медиуми, биле приведени до 56 лица, а 27 полицајци биле полесно повредени. Во Хамбург биле запалени барикади, а полицијата привремено привела околу 120 лица при една од интервенциите.

Протестите беа организирани од иницијативата „Gen Z regelt“ во повеќе од 30 германски градови. Младите бараа поголеми вложувања во образованието, подостапно домување, мерки против растечките животни трошоци и поголема социјална правда. Дел од барањата се однесуваа и на противењето на задолжителниот воен рок.

Организаторите се оградија од насилството. Германските извештаи наведуваат дека најголемиот дел од дневните собири поминале мирно, додека судирите и грабежите избиле подоцна во вечерните часови.

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?