Белгискиот премиер понуди оставка по пропаднатите преговори за буџетот

Белгискиот премиер Барт Де Вевер замина во кралската палата за да му понуди оставка на кралот Филип, откако владините партнери не постигнаа договор за буџетот. Ноќните преговори на тесниот владин кабинет завршија без компромис за кратење на јавната потрошувачка.

Министерот за надворешни работи Максим Прево изјави за белгиските медиуми дека разговорите пропаднале поради премногу спорни точки за кои не можело да се најде заеднички јазик.

Белгија мора да заштеди 10 милијарди евра за да ги испочитува буџетските правила на Европската Унија. Буџетскиот дефицит на земјата минатата година достигна пет проценти, додека европските правила дозволуваат максимум три проценти. Јавниот долг надмина 735 милијарди евра, што претставува повеќе од 110 проценти од бруто-домашниот производ, наспроти дозволениот лимит од 60 проценти.

Поради неуспехот во преговорите, каматните стапки на белгиските државни обврзници веќе бележат раст, што директно ги зголемува трошоците за сервисирање на јавниот долг. Доколку кралот ја прифати оставката на премиерот, земјата ќе оди на нови парламентарни избори, иако монархот има можност и да ја одбие или да ја стави на чекање.

Владиниот раскол настапи поради длабоките разлики меѓу конзервативците и левицата. Коалицијата ја сочинуваат конзервативната Н-ВА на Де Вевер, либералите од МР, центристите од Лес Енгаже, социјалистите од Вуруит и демохристијаните од ЦД&В. Социјалистите и центристичките партии бараат меѓу една и 1,5 милијарди евра да се обезбедат преку повисоко оданочување на високите приходи, додека конзервативците инсистираат единствено на кратење на буџетските расходи.

Вицепремиерот Давид Кларинвал ја обвини социјалистичката партија Вуруит за пропаѓањето на преговорите поради нејзиното инсистирање на нови даноци.

Од опозицијата веќе упатија остри критики. Мати Вандемаеле од зелената партија Гроен истакна дека Де Вевер не успеал да обезбеди единство во сопствената влада и оцени дека ризикот Белгија повторно да премине на привремено финансирање претставува тежок удар за актуелниот премиер.

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?