Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет во Скопје побара од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието итно враќање на поимот „род“ во новата наставна програма „Здравје и заштита на здравјето“ за гимназиското образование. Од Институтот предупредуваат дека целосната елиминација на термините за родова рамноправност претставува концептуален пропуст со сериозни педагошки и правни последици.
Новата наставна програма за слободниот изборен предмет „Здравје и заштита на здравјето“, усвоена во октомври годинава, претставува ревидирана верзија на претходно повлечената програма за „Сеопфатно сексуално образование“. Иако ја поздравуваат одлуката за воведување содржини поврзани со репродуктивното здравје, согласноста и насилството, од Институтот нагласуваат дека ревизијата резултирала со систематско бришење на клучна терминологија.
Според стручната реакција испратена до надлежните институции, од целиот текст се отстранети поимите род, родова рамноправност, родови улоги, родови стереотипи и родово базирано насилство. Наместо нив, програмата воведува описни конструкции како „биолошки пол, полови разлики и општествени очекувања“, со што на учениците и наставниците им се одзема прецизниот јазичен и аналитички апарат за разбирање на овие појави.
Од Институтот за родови студии посочуваат дека ваквото отстранување директно се коси со меѓународните правни обврски на Македонија. Меѓу нив се Истанбулската конвенција на Советот на Европа – чиј член 14 изречно наложува наставни материјали за родова еднаквост и родово базирано насилство – како и Конвенцијата на ОН за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените (ЦЕДАВ). Програмата ги игнорира и меѓународните технички насоки на УНЕСКО и Светската здравствена организација.
Покрај меѓународните документи, програмата отстапува и од домашниот правен поредок. Поимот „род“ и одредбите за спречување на родово базирано насилство се темел на Законот за еднакви можности на жените и мажите, Законот за спречување и заштита од дискриминација, како и Законот за заштита од насилство врз жените и семејно насилство.
Институтот предупредува дека образовните власти не смеат да ги кројат наставните содржини според дневните јавни полемики, туку според научните факти и законските обврски. Тие бараат ревизија на документот пред почетокот на неговата примена во училишната 2026/2027 година, отворање јавен консултативен процес и нудат стручна помош во изработката на прирачниците и обуката на наставниот кадар.

