Најмалку осум лица се убиени, а десетици се повредени во серијата пукотници што се случија во неколку американски градови за време на викендот за Ноќта на вештерките. Најголем број жртви имало во Далас, Тексас, каде што четири лица биле убиени, а 15 биле повредени во три пукотници, објавува АП.
Повеќето пукотници се случиле во населби познати по ноќниот живот и во универзитетските градови, каде што голем број луѓе се собрале за време на викендот. Американските федерални власти објавија дека денес ќе ги презентираат мерките што ги преземаат по пукотниците во Далас. Полицијата во неколку градови сè уште бара осомничени и се обидува да ги утврди мотивите за нападите.
Најсмртоносните напади се случија во населбата Дип Елум во Далас, позната по своите барови, ресторани и клубови. Трите пукотници се случија рано вчера наутро, со разлика од само еден час и 15 минути. Четири лица беа убиени, а 15 беа повредени.
Шефот на полицијата во Далас, Даниел Комо, изјави дека истражителите сè уште се обидуваат да утврдат дали пукотниците се поврзани и што ги предизвикало. Полицијата го зголемила своето присуство во областа пред нападот поради историјата на насилство. Во февруари, две лица беа избодени до смрт за време на тепачка пред ноќен клуб, а во мај, еден обезбедувач беше убиен обидувајќи се да разбие тепачка во друг клуб.
Двајца убиени на забава за Ноќта на вештерките
Две лица беа убиени, а шест беа повредени во пукотница на забава за Ноќта на вештерките во Џексон, главниот град на јужната американска држава Мисисипи. Според полицијата, двајца мажи со маски влегле во ноќниот клуб рано вчера наутро. Во еден момент, еден од нив почнал да пука во толпата.
Дваесетгодишен маж и 18-годишна девојка беа убиени. Шест лица беа однесени во болница, но се верува дека нивните повреди не се опасни по живот. Напаѓачите сè уште не се идентификувани. „Никој не треба да се плаши за својот живот додека ужива во ноќен излез“, рече градоначалникот на Џексон, Џон Хорн.
Во Блумингтон, универзитетски град во американската држава Индијана, седум лица беа ранети во пукотница што се случи рано вчера наутро, недалеку од кампусот на Универзитетот Индијана. Пукањето се случи во прометна област со бројни барови и ноќни клубови. Полицијата сè уште не верува дека некој од повредените бил студент.
„Ова е неприфатливо во Блумингтон, како и во која било друга заедница“, рече градоначалничката Кери Томсон во видео порака објавена на социјалните мрежи. Таа додаде дека дури и зголеменото присуство на полицијата не може да спречи секој чин на насилство.

Пукања по натпревар во Алабама
Во Бирмингем, најголемиот град во јужната американска држава Алабама, едно лице беше убиено, а осум беа ранети во две одделни пукања по традиционалниот натпревар по колеџ фудбал познат како „Меџик Сити Класик“. Шефот на полицијата во Бирмингем, Мајкл Пикет, рече дека повеќето гледачи и семејства го напуштиле стадионот пред пукањата. Првото се случило во близина на стадионот, на авенијата Грејмонт, каде што биле поставени тезги за продавачи.
Во текот на викендот, пукања беа пријавени и во Фејетвил, Арканзас, Њуарк, Делавер и Блумингтон, Илиноис.
Иако викендот беше обележан со серија смртоносни пукања, официјалните податоци покажуваат дека бројот на насилни злосторства во САД се намалува во последните години. Според ФБИ, стапката на убиства минатата година падна на најниско ниво во последните 75 години. Бројот на убиства се намалил за 18 проценти, а вкупниот број на насилни злосторства за 9,3 проценти во споредба со претходната година.
Студиите засновани на полициски и болнички податоци покажуваат дека пукањата се почести ноќе, за време на викендите и за време на празниците. Меѓу периодите со зголемени инциденти се Денот на независноста на Америка (4 јули), Нова Година и Ноќта на вештерките.

