Проширување со две брзини: Албанија и Црна Гора брзаат напред, Македонија во ќорсокак

Најавените нови патокази на Европската комисија за забрзан прием на фаворитите Црна Гора и Албанија отвораат длабок јаз на Западниот Балкан. Додека Подгорица и Тирана добиваат институционален приоритет, Македонија, Босна и Херцеговина и Косово остануваат заглавени во долгогодишна стагнација, со реален ризик да го изгубат дури и пристапот до клучните регионални европски фондови, пишува „Euronews“.

Политичката реалност во Брисел се прекршува врз концептот на проширување со две брзини. Европската унија прави јасна диференцијација меѓу државите што покажуваат брз формален напредок и оние чии процеси се блокирани од внатрешни или билатерални спорови. Со поставувањето на Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина во водечката група, фокусот, ресурсите и политичката енергија на Унијата целосно се пренасочуваат кон нивно финализирање.

За Македонија ова претставува директно туркање на маргините. Земјата, која со години беше лидер во реформите во регионот, сега се наоѓа во иста категорија со држави со нерешен статус или длабоки уставни кризи. Политичкиот залет што Брисел сака да го покаже по деценијата од референдумот за Брегзит не важи подеднакво за сите, туку исклучиво за кандидатите што можат да испорачаат брзи преговарачки резултати.

Главната материјална опасност од ваквата поделба е прераспределбата на европските пари. Институциите во Брисел веќе ги пренасочуваат своите капацитети кон Кишинев, Подгорица и Киев, а следниот чекор е пренамена на регионалните претпристапни фондови во корист на оние што затвораат поглавја. Државите во застој ризикуваат да останат без значајна финансиска поддршка за клучни инфраструктурни и економски проекти.

Сепак, ниту водечката група не е имуна на пречки. Црна Гора формално е најблиску до целта, но се соочува со сериозни билатерални блокади од Хрватска кои влечат корени од воените конфликти во деведесеттите години. За да спречи идни вета, Брисел веќе подготвува посебни институционални заштитни клаузули во пристапниот договор на Подгорица. Албанија, пак, се соочува со силни внатрешни протести и контроверзи околу крупни инвестициски проекти во заштитени крајбрежни подрачја, пишува „Euronews“.

Поделбата на Западниот Балкан на привилегирани и заборавени кандидати создава геополитички вакуум. Додека новата власт во Србија најавува ресетирање на односите со Брисел, остатокот од регионот со Македонија на чело се соочува со замрзната перспектива, каде членството останува само декларативна заложба на хартија.

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?