Европската комисија објави нови упатства со кои ги повикува граѓаните на Европската Унија да обезбедат домашни залихи од храна, вода и основни потреби за најмалку 72 часа во случај на вонредни состојби и катастрофи.
Препораките на Европскиот форум за цивилна заштита во Брисел ги претстави еврокомесарката за подготвеност и управување со кризи, Хаџа Лахбиб. Таа истакна дека во критични ситуации првите часови се од пресудно значење и дека секое семејство мора да биде подготвено за самостојно справување додека не пристигне организираната помош од јавните служби.
Главниот фокус на документот е ставен на тридневната самоодржливост на домаќинствата. Комисијата им советува на граѓаните да обезбедат доволно вода и долготрајна храна за три дена, како и однапред спакуван ранец за итни случаи со основни лекови, документи и најнужни средства доколку се наложи брза евакуација.
Покрај подготовката на домашните залихи, европските насоки содржат уште три клучни столба. Предвидено е воведување едукација за справување со кризи во градинките и основните училишта преку активности приспособени на возраста, воспоставување посебни мерки за заштита на лицата со попреченост, како и изградба на побрзи и појасни системи за институционално предупредување на јавноста при претстојни опасности.

