Нов заплет со Алта банка Битола, прашања за двојната улога на Илија Андоновски

Човекот што сега треба да ја утврдува состојбата во Алта банка АД Битола претходно раководел со дирекцијата задолжена за вонтеренска супервизија и лиценцирање. Објавата дека Илија Андовски учествувал и во одобрувањето на раководството отвора ново прашање за Народната банка. Кој ќе го провери нејзиното претходно постапување во случајот со банката?

Порталот „Трилинг“, објави дека Андовски ги издал лиценците на акционерите и на членовите на Управниот и Надзорниот одбор на Алта банка. Во текстот не се приложени конкретните решенија од кои би можело да се утврди кои одлуки ги потпишал и каква била неговата улога во постапките.

Неговата раководна функција, сепак, е потврдена во официјален документ. Во списокот на вработени во Народната банка од 30 мај 2025 година, Андовски е наведен како директор на Дирекцијата за вонтеренска супервизија и лиценцирање.

Со решението од 1 ноември, тој, Весна Стојчевска и Марија Тодоровска се именувани за администратори во Алта банка АД Битола. Тие ги преземаат надлежностите на Управниот и Надзорниот одбор и на Собранието на акционери, со исклучок на одлучувањето за зголемување на капиталот. Андовски е определен да ги потпишува одлуките на администрацијата.

Тројцата имаат рок од 21 ден да ја утврдат состојбата во банката и да достават извештај до Извршниот одбор на Народната банка.

Токму тука се отвора прашањето за довербата во проверката. Доколку Андовски учествувал во претходните постапки за одобрување на раководството, Народната банка треба да објасни како ќе обезбеди независно преиспитување на тие одлуки и на квалитетот на надзорот.

Самото именување не докажува незаконитост или судир на интереси. Но неговата претходна функција и наводите за конкретно учество во лиценцирањето бараат одговор со документи. Кои согласности биле издадени, врз основа на какви проверки и кој ја носел конечната одлука?

Заштитата на банката и на штедачите е непосредна задача на администрацијата. Проверката дали супервизијата навреме ги препознала ризиците бара и посебно утврдување на институционалната одговорност. Јавноста треба да знае кој ќе ја спроведе таа проверка и дали нејзините наоди ќе бидат објавени.

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?