Русија од 2027 година воведува задолжителен надоместок на авионските карти за финансирање на домашната цивилна авиоиндустрија, која се соочува со сериозен застој поради меѓународните санкции. Патниците на домашните линии ќе плаќаат дополнителни 500 рубљи, додека за меѓународните летови таксата ќе изнесува 1.000 рубљи по билет.
Мерката ја подготвува руското Министерство за индустрија и трговија по налог на претседателот Владимир Путин, според податоците на Одборот за буџет и даноци на Државната дума.
Собраните средства од новата давачка ќе бидат наменети за покривање на трошоците за лизинг и оперативните трошоци за вкупно 258 патнички авиони од сеопфатната државна програма за проширување на авиопроизводството. Овој проект ги опфаќа домашните модели МС-21, Ту-214, СЈ-100 и Ил-114-300.
Рускиот сектор за цивилно воздухопловство се наоѓа во длабока криза откако започна инвазијата врз Украина во 2022 година. Поради воведените санкции и прекинот на испораката на странски делови и технологија, фабриките не успеаја да произведат ниту еден нов сериски патнички авион.
Во периодот од 2022 до 2025 година, на руските авиокомпании им биле испорачани само 13 нови летала, наспроти првично планираните 120. Речиси сите тие авиони беа склопени од компоненти набавени пред воведувањето на западните рестрикции.
Поради постојаните проблеми со замената на увозните делови, властите во Москва веќе неколкупати ги менуваа производствените планови. Почетокот на планираното масовно производство официјално е одложен од 2030 за 2035 година.
Сертификацијата и сериското производство на клучните патнички модели МС-21 и СЈ-100 сега се предвидени за 2027 година, додека руските власти се надеваат дека првите испораки на моделот Ил-114-300 ќе започнат кон крајот на годинава.

