Нов бран закани за поставени бомби во патнички авиони предизвика вонредни слетувања, пренасочувања и кревање воени ловци во неколку европски земји. Француските власти пренасочија авион на линијата Даблин – Рим во воена база, а за закани пријавија и аеродромите во Рим, Прага, Виена и Софија.
Патнички авион на ирската авиокомпанија „Ер Лингус“, кој сообраќал на релација Даблин – Рим, денеска итно бил пренасочен кон Франција по дојава за поставена бомба. Француското воено воздухопловство веднаш кренало борбени авиони за придружба на леталото, кое безбедно слетало во воената база Евре, западно од Париз. Кабинетот на францускиот премиер Себастиен Лекорну соопшти дека сите 151 патник и шест члена на екипажот се евакуирани на безбедно, а специјални антитерористички единици вршат детална проверка.
Инциденти се регистрирани и во Италија, каде што авион на „Финаир“ од Хелсинки до Рим морал да слета под придружба на италијански воени ловци. Поради безбедносни проверки, сообраќајот на римскиот аеродром „Фјумичино“ извесно време беше во прекин. Закани за бомби беа пријавени и на летови кои тргнале од Милано, како и на релацијата Хелсинки – Виена, но авионот безбедно слета во австрискиот главен град.
Чешката полиција соопшти дека четири авиони кои патувале кон Прага биле предмет на закани, поради што аеродромските служби спроведоа вонредни протоколи при нивното приземјување. Истовремено, бугарското Министерство за транспорт потврди дека се примени закани за три авиони на „Рајанер“ кон Софија. Летовите од Копенхаген и Мадрид слетаа на софискиот аеродром, додека авионот од Лондон беше пренасочен кон Пловдив.
Ова е втор ваков координиран бран во рок од неколку дена, откако во вторникот слични закани беа упатени кон десетина европски летови, предизвикувајќи привремено затворање на аеродромот во Варшава. Владите во погодените земји ги оквалификуваа овие инциденти како злонамерни лажни дојави со цел да предизвикаат паника и хаос во авиосообраќајот.

