Судот дозволи да продолжи тужбата на Трамп: BBC оди на суд

BBC

Американски федерален судија го одби барањето на британскиот јавен сервис ББС за отфрлање на тужбата за клевета поднесена од Доналд Трамп, дозволувајќи судската постапка да продолжи. Судот истовремено отфрли дел од барањата на Трамп, со што првичната тужба од десет милијарди долари се намали на најмалку пет милијарди долари.

Федералниот окружен судија Џефри Т. Кунц ја отфрли иницијативата на ББС за целосно запирање на процесот, оценувајќи дека начинот на кој британскиот сервис го монтирал говорот на Трамп од 6 јануари 2021 година остава простор за сомнеж за намерно искривување на фактите.

Случајот произлезе од документарната емисија „Панорама“, каде што беа споени два одвоени дела од говорот на Трамп. Трамп тврди дека со таа монтажа јавноста била доведена во заблуда дека тој експлицитно ги повикал своите поддржувачи на напад врз американскиот Капитол.

Судијата Кунц во својата одлука наведе дека временското растојание меѓу двете изјави упатува на заклучок дека ББС знаел или морал да знае оти монтираниот сегмент не соодветствува со вистината. Според него, тука не станува збор за вообичаено новинарско скратување, туку за создавање содржина поинаква од кажаното во говорот. Сепак, судијата подвлече дека останува на главното судење Трамп да докаже дали постои клевета и дали претрпел материјална или репутациска штета.

Судот го отфрли второто правно барање на Трамп, поднесено врз основа на Законот за измамнички и нефер трговски практики на Флорида, со образложение дека документарната програма не претставува комерцијален говор. Со оваа одлука вредноста на оштетното побарување се преполови од десет на најмалку пет милијарди долари.

Од ББС соопштија дека се изненадени од ваквата судска одлука, но дека го почитуваат авторитетот на судот и ќе продолжат да ја бранат својата позиција низ редовните правни процедури. Јавниот сервис претходно упати извинување за монтажата, што доведе и до оставки на дел од раководните лица, но останува на ставот дека со емисијата не му е нанесена реална правна штета на Трамп.

Трамп ја поздрави судската одлука на својата мрежа Трут сошал, нарекувајќи ја голема победа. Тој паралелно се соочува со обврска да даде исказ под заклетва пред адвокатите на британскиот сервис до 11 декември, при што судот предупреди дека недоаѓањето може да резултира со санкции или со отфрлање на неговата тужба.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?