Украинската војска првпат зароби индонезиски државјанин кој се борел на руска страна во Запорошката област. Станува збор за 49-годишен маж од островот Јава, кој бил заробен откако неговата единица била нападната со дронови.
Според податоците на украинскиот државен проект „Сакам да живеам“, заробениот индонезиски државјанин бил испратен да учествува во руските офанзивни дејства во Запорожје. По нападот со беспилотни летала врз неговата група, тој успеал да стигне до територија под контрола на украинските сили, каде што бил приведен.
Од украинскиот проект наведуваат дека Русија во првите девет месеци од годинава регрутирала околу 283 Индонезијци за војната против Украина, додека во претходните три години таа бројка изнесувала најмногу десет лица. Руската амбасада во Џакарта засега не одговори на прашањата за овие наводи.
Официјална Џакарта месецов побара од Москва да спречи регрутирање на нејзини државјани во руската војска, откако претходно беше објавено дека еден Индонезиец загинал борејќи се во редовите на руските вооружени сили.
Покрај од Азија, изминатиот период се бележи зголемен број странски борци и од африканските земји, меѓу кои Кенија, Уганда и Јужноафриканската Република, кои завршуваат на фронтот преку понуди за работа и престој во Русија.

