Рацин.мк предупреди за скапата струја, Мицкоски најави рестарт на ТЕЦ Неготино

Еден ден откако Рацин.мк објави дека се разгледува повторно активирање на ТЕЦ Неготино во услови на високи берзански цени на струјата, премиерот Христијан Мицкоски потврди дека електраната е дел од владиниот план за зимата. И премиерот предупреди дека претстои тежок период за енергетиката. Владата планира мазутот за Неготино да го носи со железница од Солун, а јагленот за РЕК Битола со камиони од Косово.

Над 6.000 тони јаглен дневно преку премин кај Блаце

ЕСМ уште во август соопшти дека потпишала тригодишен договор со косовската државна енергетска корпорација КЕК за експлоатација на околу три милиони тони јаглен од рудникот во Обилиќ. Тендерот за избор на компанија за ископ и транспорт, според Мицкоски, треба да заврши до крајот на ноември.

Планот е околу 200 камиони дневно да носат повеќе од 6.000 тони јаглен преку посебен премин во близина на Блаце, кој порано го користел КФОР. За споредба, ЕСМ во август процени дека постојниот премин Блаце може да пропушти околу 3.000 тони јаглен дневно. Со дополнителното снабдување Владата сака да обезбеди работа на сите три блока во РЕК Битола, а во зимскиот план смета и на производство од РЕК Осломеј.

Мицкоски очекува производство под 200 евра за мегават-час

За ТЕЦ Неготино се оспособува железничкиот крак по кој треба да се доставува мазутот од пристаништето во Солун. Мицкоски изнесе процена дека производството би чинело под 200 евра за мегават-час. На македонската берза МЕМО, дневниот просек на пазарот „ден однапред“ за испорака на 11 ноември изнесува 350,18 евра за мегават-час.

За да се види дали сметката на Владата држи, потребни се набавната цена и потрошувачката на мазут, трошоците за транспорт и пуштање во работа, како и часовите во кои електраната би произведувала. Во извештаите од брифингот нема датум за почеток на производството. Според Регулаторната комисија за енергетика, централата работела до април 2023 година и немала производство во 2024 и 2025 година.

Мицкоски очекува планот да го спречи поскапувањето на струјата. Ако сепак има зголемување, неговата процена е дека ќе биде до пет отсто. ЕВН Хоум веќе објави тендер за набавка на струја за домаќинствата.

Под кои еколошки услови би работела електраната

Согорувањето мазут создава емисии на сулфур диоксид, азотни оксиди и прашина. Министерството за животна средина го поврза претходното активирање на ТЕЦ Неготино со растот на националните емисии на никел во 2022 година.

Според Државниот завод за ревизија, А-интегрираната еколошка дозвола од 2019 година била издадена со важност од пет години. Министерството објавило решение за пренос на дозволата на ЕСМ. Во проверените јавни документи нема потврда дека дозволата е обновена. Со најавата за рестарт останува отворено под кои услови ќе работи централата и како ќе се мерат емисиите.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?