Шефот за безбедност на Иран, Мохсен Резаи, синоќа се закани дека Техеран ќе ги нападне американските воени бази надвор од Блискиот Исток, вклучително и оние во Европа, доколку бидат искористени за бомбардирање на Исламската Република, пренесува АФП. Ужасниот пораз на Републиканската партија на американскиот претседател Доналд Трамп на конгресните избори претходно овој месец, се чини дека го принуди Вашингтон да ги повлече своите закани за понатамошни напади врз Иран.
„Ако американските авиони полетаат од американска воена база, дури и ако е во европска земја или некој друг далечен регион, за да го бомбардираат Иран, ние ќе ги таргетираме и тие бази“, рече Резаи во интервју за либанската телевизија Ал Мајадин емитувано во среда.
Тој, исто така, рече дека одговорот на Иран на евентуалните нови американски напади „ќе ги таргетира подалечните американски воени објекти, вклучително и оние што сè уште не сме ги нападнале“, без да прецизира кои локации точно. „Дури би можеле да таргетираме одредени острови за кои Американците претпоставуваат дека се надвор од дометот на нашите ракети“, додаде тој за време на разговор во Техеран.
Блокадата на Ормутскиот теснец и условите за мир
Војната на Блискиот Исток избувна на 28 февруари со нападите на САД и Израел во кои беше убиен врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи. Иран одговори со лансирање ракети и беспилотни летала кон земјите низ регионот каде што се стационирани американските воени сили, а милитантните групи поддржани од Техеран во Либан, Јемен и Ирак, исто така, се приклучија на конфликтот.
Во моментов се во тек дипломатски напори, предводени од Катар и Пакистан, за преговори за крај на војната. Техеран инсистира Вашингтон да прифати низа барања, вклучително и одмрзнување на иранските средства и укинување на санкциите, во замена за повторно отворање на Ормутскиот теснец, клучен енергетски пат што Иран го блокираше од почетокот на конфликтот.
Трамп ја ублажува својата реторика по поразот на изборите
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, изјави во вторникот дека нема потреба од нов напад врз Иран, наведувајќи дека Вашингтон веќе успеал да ја ослабне економијата на Иран.
Вашингтон се чини дека ги намалува заканите за нови напади во последните денови откако Републиканската партија на претседателот Доналд Трамп претрпе пораз на неодамнешните избори за Конгресот, делумно поради непопуларноста на војната против Иран меѓу американските гласачи.

