Се крева ли Хрватска на нозе по смртта на Периш во психијатриска болница?

По смртта на Периш во загрепската психијатриска клиника „Свети Иван“, семејството ги повика граѓаните на мирен собир со бели перници и објави пет барања до надлежните. Комеморацијата за 32-годишниот Кристијан Јосип Периш ќе се одржи на 21 ноември во 18:30 часот кај фонтаната „Мандушевац“ на плоштадот „Бан Јелачиќ“ во Загреб.

Белата перница е симбол на семејниот повик за одговорност. Според описот на болничката снимка што го објави „Индекс“, на Периш му била ставена перница преку лицето додека персоналот физички го ограничувал неговото движење. Семејството ги повика оние што нема да можат да дојдат во Загреб да закачат бела навлака за перница на прозорец или балкон.

Меѓу петте барања се измени на прописите со кои изречно би се забранило покривање на лицето на пациентот и секоја постапка што му го отежнува дишењето. Семејството бара и задолжителен видеонадзор при примена на мерките за физичко ограничување, испитување на сите присутни во собата и проверка на боледувањата што ги отвориле вработени по смртта. Од Град Загреб бара клиниката во „Јанкомир“ да го носи името на Периш.

Хрватското здружение за унапредување на правата на пациентите поведе своја иницијатива. Здружението соопшти дека за еден ден собрало 3.000 потписи за петицијата со која бара оставка од министерката за здравство Ирена Хрстиќ, независна истрага за можните институционални пропусти и надзор над психијатриските установи низ целата земја.

Периш почина на 21 октомври. Загрепското обвинителство отвори истрага против четворица медицински техничари поради сомнение за тешко убиство, а судот им одреди притвор. Здравствената инспекција утврди пропусти во примената и документирањето на мерките за физичко ограничување. Болницата ги прегледала снимките од надзорните камери дури две недели по смртта.

Директорката Мајда Грах поднесе оставка на 12 ноември. Следниот ден оставки поднесоа и четворица од седумте членови на управниот совет, меѓу кои и претседателот Мирандо Мрсиќ. Пред да се повлечат, членовите на советот ја назначија Лидија Храстиќ Новак за вршителка на должноста директорка до спроведување јавен конкурс.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?