Маѓар по заплената на 17,5 милиони евра: Орбан е докажан и паднат мафијашки шеф

Унгарските власти запленија околу 17,5 милиони евра скриена готовина, дел од неа закопана во шуми, во рамки на кривична истрага против поранешниот министер за национален развој Миклош Шестак. По акцијата на новоформираната Национална канцеларија за враќање и заштита на имотот, унгарскиот премиер Петер Маѓар го прогласи својот претходник Виктор Орбан за докажан мафијашки шеф, а неговата партија Фидес за криминална организација.

Истражителите пронашле повеќе од пет милијарди форинти, околу 2,6 милиони евра и 1,2 милиони американски долари, што заедно изнесува приближно 17,5 милиони евра. Готовината била откриена по дводневни претреси спроведени на повеќе локации во главниот град Будимпешта и во три унгарски општини.

Според соопштението на Националната канцеларија за враќање и заштита на имотот, парите биле закопани во шуми, скриени во земјоделски објекти, магацини и станбен недвижен имот, како и складирани во скапоцен сеф на тајна локација. Канцеларијата објави и видеоснимка на Фејсбук на која се гледаат истражители покрај големи купови банкноти наредени во снопчиња, како и ископувања со лопати во шумско подрачје во текот на ноќта.

Актуелниот унгарски премиер Петер Маѓар соопшти дека 12 вработени во унгарската Државна ризница осум часа ги броеле запленетите пари со помош на пет машини за броење банкноти. Тој оцени дека ова откритие официјално го означува крајот на коалицијата Фидес-КДНП, која владееше 16 години пред да загуби на парламентарните избори во април 2026 година.

„Од денес Виктор Орбан е докажан мафијашки шеф. Паднат мафијашки шеф. А Фидес е криминална организација“, напиша Маѓар на Фејсбук.

Заплената е дел од кривичната постапка против Миклош Шестак, поранешен министер за национален развој во владата на Орбан, кој беше приведен кон крајот на септември. Обвинителството го сомничи Шестак дека примил повеќе од 33 милиони евра мито и незаконски провизии поврзани со набавка на возила за унгарската државна автобуска компанија и со државни градежни проекти.

Националната канцеларија за враќање и заштита на имотот е тело формирано од новата влада на партијата Тиса, која ја презеде власта во мај 2026 година со двотретинско мнозинство и ветување за искоренување на корупцијата. Оваа институција располага со овластувања за истрага и кривично гонење во случаи на злоупотреба на јавни средства.

Во рамки на пошироката антикорупциска кампања на новите власти, унгарската полиција во понеделникот го приведе и помладиот брат на Виктор Орбан под сомнение за трговија со луѓе и тргување со влијание. Од минатиот месец во притвор се наоѓа и поранешниот гувернер на унгарската централна банка Ѓерѓ Матолчи, кого Централното истражно обвинителство го товари за злоупотреба на средства од фондација на банката во висина од 288 милијарди форинти, односно околу 740 милиони евра јавни пари.

Поранешниот премиер Виктор Орбан ги отфрли истрагите и притворањата на неговите соработници и членови на семејството. Тој тврди дека станува збор за политичка тиранија чија цел е негово отстранување од политичката сцена.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?