Денес, Народниот театар Битола одбележува 82 години постоење, континуирана уметничка дејност и посветеност на театарската уметност.
Како најстар театар во Македонија, зад НТБ се осум децении исполнети со значајни сценски остварувања, уметнички предизвици, творечки процеси и генерации кои со својата работа го граделе угледот и идентитетот на оваа институција
По повод јубилејот, директорот Васко Мавровски и дел од колективот на Народниот театар Битола положија свежо цвеќе пред споменикот на театарот, во знак на почит кон неговата богата историја, традиција и сите генерации кои го создавале и го одржувале неговиот континуитет.
„Упатуваме искрена благодарност до сите вработени, уметници, соработници и до секој поединец кој во изминатите 82 години, со својот професионален ангажман, посветеност и придонес, бил дел од развојот и афирмацијата на Народниот театар Битола. Секој од нив е нераскинлив дел од неговата историја и континуитет. Посебно место во оваа приказна ѝ припаѓа на нашата публика – на сите генерации гледачи кои низ годините ја следеле, поддржувале и вреднувале нашата работа. Вие сте причината поради која создаваме и постојано се стремиме кон нови уметнички достигнувања. Секое чувство,секоја насмевка, солза или замисла, за нас претставува потврда за смислата и вредноста на нашата работа.
Нашиот развој и континуитет се поврзани и со поддршката од нашите спонзори, партнери и пријатели, кои го препознаваат квалитетот на Народниот театар Битола и значењето на неговата улога во културниот живот“, се вели во Соопштението на Народниот театар Битола.

82 години традиција, одговорност и посветеност на уметноста
НУ Театар Битола продолжува да ја негува театарската традиција, да создават современи сценски остварувања и да ја оправдуваат довербата на публиката, со свест за одговорноста што ја носи институција со вакво историско и културно значење. Роденденското одбележување продолжува со премиерата на матична сцена на претставата „Кориолан“ од Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел, со која се отвора 12. издание на Битола Шекспир Фестивалот. Претставата по барање на публиката ќе се изведе и на 16. ноември.
Покрај „Кориолан“ и свеченото отворање на Шекспир фестивалот, има уште пет претстави кои доаѓаат од Италија, Грузија, Ерменија, Романија и Малта и ќе бидат прикажани во периодот од 14 до 22 ноември. Во програмата е и видео проекција на филм на Џон Блондел кој е направен за тогашните откажувања на Шекспир фестивалите низ светот за време на короната, театарска работилница за деца, која ќе ја води Билјана Крајчевска, која е посветена на Шекспир. Цела програма е фокусирана на едно дружење со Шекспир, промоција на македонската култура, македонскиот театар и истовремено презентација на тоа што се случува надвор од Македонија, а е поврзано со Шекспир.
Среќен 82. роденден, Народен театар Битола!

