Барнам: Со Брегзит повеќе изгубивме отколку што добивме

Prime Minister Andy Burnham leaves 10 Downing Street for his first PMQs. Picture by Ben Perry / No 10 Downing Street

Велика Британија изгуби повеќе отколку што доби со излегувањето од Европската Унија, изјави денеска британскиот премиер Енди Барнам на конференцијата на велшките лабуристи во Ландидно. Тој ја обвини претходната влада на Конзервативната партија дека по Брегзит ги уништила сите мостови за соработка со Брисел, најавувајќи нови трговски договори на претстојниот самит на 20 ноември.

Во обраќањето пред сопартијците во Велс, Барнам оцени дека во изминатата деценија по референдумот Велика Британија претрпела поголема штета отколку корист од напуштањето на европскиот блок. Тој нагласи дека владата мора да носи тешки одлуки со цел да ги намали трошоците за живот на граѓаните и да им помогне на домашните компании.

На самитот меѓу Обединетото Кралство и Европската Унија закажан за следната недела во Брисел, Барнам ќе се сретне со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта. Британскиот премиер очекува потпишување договори со кои ќе се укинат дел од постојните трговски бариери и ќе се намалат цените на храната во британските продавници.

Пакетот за кој преговара Лондон опфаќа олеснување на трговијата со храна и земјоделски производи, соработка во трговијата со емисии на јаглерод и програма за мобилност на млади луѓе. Според проценките на британската влада, овие договори можат да донесат раст на бруто домашниот производ за 0,4 проценти, односно околу 17 милијарди фунти годишно, преку намалување на бирократските трошоци за извозниците.

Иако најави испитување на опциите за поблиски долгорочни односи со Брисел, Барнам ги потврди црвените линии од изборната програма на Лабуристичката партија. Тој повтори дека Велика Британија нема да се врати во единствениот пазар, царинската унија или режимот на слободно движење на работници.

Енди Барнам ја презеде функцијата премиер на Обединетото Кралство и лидер на Лабуристичката партија во јули 2026 година, по оставката на неговиот претходник Кир Стармер. Од доаѓањето на функцијата, ресетирањето на економските и политичките односи со Европската Унија претставува еден од главните надворешнополитички приоритети на неговата влада.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?