Русија утрово го запре патниот и железничкиот сообраќај на Кримскиот мост, откако руските власти соопштија дека преминот бил нападнат со дронови вторпат за два дена. Руското Министерство за транспорт не објави кога мостот повторно ќе биде отворен.
Сергеј Аксјонов, кого Москва го постави на чело на окупираниот Крим, ја обвини Украина за нападот. Засега е нејасно колкава штета е причинета на мостот, а Киев, според Ројтерс, првично не го коментирал инцидентот. Аксјонов одделно соопшти дека две лица загинале во напад со дронови во Ленинскиот округ на Крим, во близина на Керч.
По првиот напад во понеделникот, автомобилскиот сообраќај беше обновен по околу 17 часа, со наизменично пропуштање возила по една лента. Мостот, долг 19 километри, ги поврзува јужна Русија и Крим преку Керченскиот Теснец и служи како важна рута за снабдување на руските сили.
