Поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи, е осуден на 17 месеци затвор во Хаг поради обиди да го попречи судењето за воени злосторства во кое и самиот беше обвинет. Пресудата ја изрекоа Специјализираните совети на Косово.
Судот го прогласи Тачи за виновен за обид да попречи службени лица во извршувањето на нивните должности, за нарушување на тајноста на постапката и за непочитување на судот.
Предметот се однесува на разговори што Тачи ги водел со посетители во притворот во Хаг во 2023 година. Според обвинителството, им откривал доверливи информации за сведоци и им давал упатства како да влијаат врз нивните искази. Меѓу главните докази беа аудиоснимки од пет посети, снимени со одобрение на судот.
Обвинителството бараше шест години затвор. Во одделниот предмет за воени злосторства, Тачи на 16 септември беше осуден на 25 години затвор.
