Американски разузнавачки податоци укажуваат дека Иран разгледува можни напади врз високи функционери од администрацијата на Доналд Трамп во Вашингтон, објави Си-ен-ен, повикувајќи се на седум американски претставници. Меѓу сценаријата што ги опишуваат изворите е употреба на „валкана бомба“ или хемиско оружје.
Според изворите, американските служби ги толкуваат податоците како разгледување можни сценарија. Претставниците се поделени околу тоа дали Техеран има капацитет и намера да изврши таков напад. Портпаролката на Белата куќа, Лорен Бис, изјави дека властите ги следат потенцијалните закани и дека во моментов нема веродостојна закана за територијата на САД.
Иранската мисија при Обединетите нации ги отфрли наводите за можна употреба на хемиско оружје. Според Си-ен-ен, мисијата не се произнела конкретно за наводите за „валкана бомба“.
„Валкана бомба“ е експлозивна направа која при детонација распрснува радиоактивен материјал во околината.
