Над 200 предлози за Скопје 2028, програмата се финализира до крајот на ноември

Скопје

Повеќе од 200 предлози и препораки се доставени за работната верзија на Културната програма за Скопје 2028, соопшти Фондацијата „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“. Конечната верзија се очекува до крајот на ноември 2026 година, по разгледувањето на забелешките од јавните расправи и предлозите пристигнати по електронска пошта.

Фондацијата најавува дека ќе ги анализира сите доставени предлози, а во програмата ќе ги вклучи оние што се релевантни и придонесуваат за нејзиниот квалитет.

Четирите јавни расправи се одржале на 18 и 19 ноември. На нив учествувале претставници на националните и локалните културни институции, општините и академската заедница, како и самостојни уметници, културни работници, претставници на независната сцена и млади.

Работната верзија ја претставил оперативниот директор на Фондацијата, Звонко Наумоски. Тој ги изложил концептот, програмските приоритети и целите на предвидените проекти, по што учесниците ги изнеле своите забелешки и очекувања.

„Работната верзија не е завршен документ. Затоа ја отворивме за јавна расправа: секоја забелешка и секој предлог ни помага програмата да биде поквалитетна и поблиску до потребите на граѓаните, уметниците и институциите“, изјави Марјан Цветковски, кој ја предводи Фондацијата.

На расправите било отворено и прашањето за посебната законска рамка за реализација на проектот. Според објаснувањето на Фондацијата, оперативното работење ќе се спроведува со примена на Законот за јавни набавки, додека проектите од Културната програма ќе се реализираат преку јавни повици со однапред утврдени правила.

Евалуацијата, како што наведуваат оттаму, ќе ја вршат европски евалуатори според професионални критериуми. Фондацијата оценува дека ваквиот модел треба да обезбеди независност и транспарентност при изборот на проектите и усогласеност со практиките на претходните европски престолнини на културата.

Јавните расправи се дел од подготовките на Скопје за титулата Европска престолнина на културата во 2028 година. По финализирањето, Културната програма ќе биде објавена на официјалната интернет-страница на проектот, најавуваат од Фондацијата.

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?