Музичката програма на годинешното 63 издание на фестивалот „Охридско лето“ продолжува со вечерашниот концерт на гудачкиот квартет „Шуман“, со Ерик Шуман и Кен Шуман на виолина, Фaит Хертенштајн на виола и виолончелистот Марк Шуман.
Тројцата браќа Марк, Ерик и Кен Шуман музицираат заедно од нивното најрано детство, а заедно со виолистот Фaит Хертенштајн го сочинуваат гудачкиот квартет. Четворицата музичари имаат неверојатна моќ да комуницираат без зборови. Иако, нивните индивидуални квалитети се секогаш видливи, во нивниот заеднички настап тие се „единство“ кое се вклопува во еден вид духовна метаморфоза. Нивната отвореност за нови музички истражувања и исклучителна изведувачка љубопитност, членовите на квартетот веројатно им ја должат на луѓето од кои учеле како Еберхарт Фелц и квартетот „Албан Берг“ како и на оние со кои соработувале, на пример на Менахем Преслер.
Во својот уметнички развој, квартетот „Шуман“ веројатно ја достигнал фазата кога сѐ е возможно, а самите ќе речат дека за нив „музичкото дело вистински се развива само за време на изведба во живо“. Па така, со цел да внесат дополнителна енергија на концертите и да ја потврдат таа теза тие настапуваат заедно со ред исклучителни уметници како партнери на сцената. Тоа се: Шарон Кам, Фабијан Милер, Ана Лусија Рихтер, Ана Винитскаја и Јорг Видман…
Во актуелната сезона квартетот „Шуман“ оствари концертна турнеја во Сингапур и во Аделаида во Австралија и два пати настапи во амстердамскиот „Концертгебау“ и дури три пати во „Вигмор Хол“ во Лондон. Во април оваа година остварија Европска турнеја ( Брисел, Хамбург, Берлин, Женева …) на која заедно со пијанистката Ана Винитскаја го изведуваа Клавирскиот квинтет од Роберт Шуман.
Албумот со наслов „Интермецо“ на кој свират заедно со Ана-Лусија Рихтер е одлично примен од светската критика и им ја носи наградата „Опус класик“ во категоријата квинтет. На тоа му претходи албумот „Пејзажи“ на кој се поместени композиции од Хајдн, Барток, Такемицу и Перт, и е закитен дури со пет награди „Златен дијапазон“ како и со годишната награда на здружението на германски критичари. За носачот на звук со наслов „Моцарт, Ајвс, Верди“ ја добиваат наградата за најдобри дебитанти од магазинот „Би-Би-Си Мјузик“, а снимија и албум посветен на творештвото за гудачки квартет од мајсторот на формата-Франц Шуберт.
Критичарите високо ги оценуваат нивните изведби, а Харалд Егеберт за Суддојче Цајтунг ќе напише: „Оган и енергија. Квартетот „Шуман“ свири исклучително… Тие се несомнено еден од најдобрите квартети на денешницата со блескава виртуозност и моќ сосема да ве обземат“.
Концертот ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“ од 21 часот. На програмата се дела на Бетовен, Јаначек, Менделсон.