Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Осми ден гори на Родос, битката со пожарите продолжува и на Крф и на Евија

Подобрена е ситуацијата со пожарите на грчките острови Родос, Крф и Евија, иако сè уште не се ставени под контрола, битката на пожарникарите и волонтерите со огнените јазици траеше во текот на целата ноќ, а продолжува и утрово, јави дописничката на МИА од Атина. 

Во југоисточниот дел на Родос, каде што пожарот е активен веќе осми ден, противпожарните сили се сконцентрирани на селата Вати и Генади, а рано утрово ситуацијата ја олеснува и фактот што нема силен ветер. 

Во јужниот дел на островот Евија, поради пожарот, во текот на ноќта преку бројот 112 за итни случаи беше испратена порака за евакуација на едно село.

Битката со пожарот продолжува и во северниот дел на островот Крф. 

Министерот за цивилна заштита и климатски кризи на Грција Василис Кикиљас во изјава за државната телевизија ЕРТ вчера рече дека „веќе 12-ти ден под екстремни услови на топлотен бран и силен ветер без престан се бориме на десетици фронтови на шумските пожари“ и истакна дека противпожарната служба во овој период требала да се справи со над 500 пожари. 

Дополнително соопшти дека се зголемуваат казните за подметнување пожар, но и двојно се зголемува персоналот во Дирекцијата за спречување на криминални дела- подметнување пожари. 

Поради пожарите во Грција, синоќа се одржаа два мирни протести во Атина, еден пред Парламентот, а друг пред Министерството за цивилна заштита и климатски кризи. 

Зачлени се на нашиот е-билтен