Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Во Грција потврдени 11 случаи на вирусот Западен Нил, починаа две лица

Во Грција досега се потврдени 11 случаи на вирусот Западен Нил, од кои осум се во изминатата седмица, а регистрирани се и два смртни случаи кај пациенти со вирусна инфекција на возраст од над 81 година, според неделниот извештај на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ).

Сите потврдени случаи се во северниот дел на Грција и во областа Тесалија.

Првиот случај за 2023 година во земјата беше регистриран пред две седмици. Вирусот Западен Нил во Грција бил регистриран во периодот од 2010 до 2014 година, како и од 2017 до 2022 година.

Најголем број случаи на Западен Нил имало во 2018 година, вкупно 317, а истото лето, највисок бил и бројот на починати лица вкупно 51.

Лани, во Грција биле регистрирани 286 случаи, а од Западен Нил починале 33 лица. (МИА)

Зачлени се на нашиот е-билтен