Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Од снимањето во Атина на филмот „Ритам на животот“ во копродукција со „Круг филм“ од Скопје: Одлична атмосфера и соработка на режисерката со екипата

Режисерката и ко-сценаристка вели дека станува збор за приказна што би можела да се случи во секоја балканска земја, бидејќи темата е и универзална и балканска и токму затоа за нив е големо задоволството што филмот се работи во копродукција со други земји од регионот.

На локации во Атина, веќе две седмици во е тек снимањето на филмот „Ритам на животот“  што се реализира во копродукција на „Соул Продукција“ од Грција  и „Круг филм“ од Скопје, како и продукциски куќи од Кипар и Црна Гора, а МИА „ѕирна“ на снимањето додека актерите и целиот тим работат на долгометражниот филм.

Филмот ја раскажува приказната за младата Лена, 20-годишна девојка која живее во Атина со семејството, работи во локален супермаркет, но поради сиромашниот живот секојдневието и е исполнето со напнатост и сака да започне свој живот, но сѐ ќе се смени кога ќе добие отказ, истовремено дознавајќи дека е бремена.

Дописничката на МИА од Атина, го посети „домот“ на пријателот на Лена, стан во центарот на Атина каде што беше сетот и имаше можност да поразговара со режисерката и ко-сценаристка Америса Баста и со дизајнерот на светло Иван Ѓоршев.

Режисерката и ко-сценаристка вели дека станува збор за приказна што би можела да се случи во секоја балканска земја, бидејќи темата е и универзална и балканска и токму затоа за нив е големо задоволството што филмот се работи во копродукција со други земји од регионот.

-Лена е млада девојка која се соочува со проблемот со невработеноста, со отпуштање од работа, како и една непланирана бременост, па така го следиме она што ќе се случи во нејзиниот живот и како ќе се справи со овие ситуации. Темата е и балканска и универзална. Се однесува на жената во работната средина, многу е поврзана со семејството и семејните односи, но и како не дефинира и нашиот background и дали е одлучувачки за нашата иднина или ние можеме да направиме некои промени, да го смениме тоа и да направиме нешто подобро во нашиот живот, вели Баста за МИА.

Филмот се снима само во Атина, на различни локации околу центарот на грчката метропола.

-Атина е веќе мултикултурно место, особено центарот, каде што живеат луѓе од Балканот и други земји. Улогата на маќеата на Лена, ја игра актерката Лули Битри која е од Албанија и е во улога на Албанка од мешано семејство иако живее во центарот на Атина, истакнува режисерката.

Снимањето се очекува да заврши на почетокот на септември, а постпродукцијата веројатно ќе трае една година.

-Би сакале премиерата да биде на некој голем фестивал, ќе видиме. За Грција секако би сакале да биде во Солун на Филмскиот фестивал, но може да биде и во странство, вели Баста.

За успешната грчка режисерка Америса Баста ова е прва соработка со продукциска куќа од Северна Македонија.

Дизајнерот на светло Иван Ѓоршев веќе има искуство во филмската соработка меѓу Северна Македонија и Грција, со оглед на тоа дека беше дел и од екипата на грчкиот филм „Зад стоговите сено“ , кој се снимаше во Дојран и освои низа награди.

За новиот филм вели дека е задоволен од текот на снимањето и изразува надеж дека ќе постигне голем успех, а во разговор за МИА истакнува дека искуството е прекрасно, екипата е супер и сѐ се одвива според планот.

Сценариото на „Ритам на животот“ е на Димитрис Накос и Америса Баста, која воедно е и режисерка.

Главен продуцент е грчката продукциска куќа „Соул Продукција“ на Јоана Султани, а копродуценти се и Дејан Крајчевски од македонската „Круг филм“, Деспина Музаки од кипарската „Брејкинг Вејв Продукција ЛТД“ и Немања Драговиќ од црногорската „Видеа Продукција“.

Филмот е финансиски поддржан од Филмските центри на Грција, Црна Гора и Кипар, како и од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.

Во главната улога, во улогата на Лена е младата грчка актерка Елина Циорбаѕи, а кастингот е составен од млади и надежни актери, но и постари и веќе искусни актери од Грција и од Албанија.

Зачлени се на нашиот е-билтен