Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Пожарникарите на Тенерифе успеале да ги спасат куќите од пожарот што се приближува

Пожарникарите на шпанскиот остров Тенерифе досега успеале да ги спасат куќите од пожарот што се приближува.

Пожарот, кој избувна во вторникот вечерта во планински регион на североистокот на островот, веќе зафати 8.400 хектари во периметар од 70 километри, повеќе од 4 отсто од површината на островот, а повеќе од 12.000 луѓе беа принудени да се евакуираат. Ова е најголемиот пожар во историјата на архипелагот.

– Синоптичарите предвидуваа дека силните ветрови и зголемените температури ќе ја попречат способноста на пожарникарите да се борат со пожарот, а пламенот ќе ги зафати домовите. Но, работите поминаа преку ноќ подобро од очекуваното и пожарникарите успеаја да ги заштитат вилите, изјави денеска шефот на регионалната влада на Канарските Острови, Фернандо Клавихо.

Во борбата со пламените јазици на островот денеска се вклучија и 19 противпожарни единици кои оперираат од воздух.

Синоќа спасувачките тимови на островот соопштијадека евакуираните поради пожарот се повеќе од 26.000, но денеска ги поправија нивните бројки на 12.000 евакуирани.

Пожарот досега зафатил 11 општини на Тенерифе, која е најголема од седумте Канарски острови.

Шпанскиот премиер Педро Санчез утре ќе допатува на островот за да се информира за големината на штетата.

Во 2022 година, 300.000 хектари беа уништени од повеќе од 500 пожари во Шпанија, што е рекорд за Европа, покажуваат податоците на Европскиот информативен систем за шумски пожари. Речиси 76.000 хектари веќе изгореа во Шпанија од почетокот на годината во вкупно 340 пожари. 

Зачлени се на нашиот е-билтен