Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: Џез фестивали во Прилеп и Охрид, неми и класични филмови во Кинотека, раскази на Стефан Алијевиќ

„Фолтин“

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме концерти на неколку бендови кои настапуваат на џез-викендите во Прилеп и Охрид, неми и класични филмови и збирка раскази. Гледајте, читајте, слушајте…

Концерти: Џез вечери во Прилеп и Охрид

По двата концерта – еден на дуото Добрила-Доријан, вториот на интернационалниот состав на Јордан Костов (Јордан Костов, „Jingarabushi“) – на малата сцена во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, со кои и официјално почна 12. Фестивал на џезот – „Прилеп џез викенд“, вечерва (петок, 1 септември) и утревечер (сабота, 2 септември) уште 4 концерти на фестивалската понуда.

В петок настапуваат „Soothsayer“, бенд кој го сочинуваат тројца млади, но веќе етаблирани музичари, и групата „Фолтин“, а в сабота на последната фестивалска вечер се концертите на гостите од Србија „3Gonome3“ и составот „Intergalactic mutant funk“.

Звукот на „Soothsayer“ може да се опише како суров, енергичен и ризичен со разновиден опсег на влијанија во Post Bop, Hard Bop, Free Jazz и многу повеќе. Нивниот репертоарот се состои главно од оригинална музика, како и аранжмани на „hidden gems“ и стандарди. Бендот има настапувано неколку пати во Австрија и на турнеја низ Словенија, Хрватска и Србија. Моментално работат на својот деби албум.

„Фолтин“, пак, не треба посебно да се претставува. Нивната музика тешко се дефинира, звукот е непредвидлив и предизвикувачки, надреален, страстен и духовит, динамичен и полн со изненадувања, спојувајќи многу жанрови како алтернатива, светска музика, фанк, електро акустична, џез и други.

Членовите на „Фолтин“ досега компонирале и театарска и филмска музика, вклучително и за „Медена земја“ (Honeyland) на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов (двете номинации за „Оскар“ и трите награди на „Санденс“ се меѓу најсјајните одличја што ги освои овој наслов), како и филмот „Исцелител“ (Secret Ingredient) кој на меѓународната сцена освои 9 награди и 26 номинации.

Текстовите на првите три албуми на бендот се мешавина од фонетски имитации на јазици, вклучувајќи шпански, француски, романски и португалски. Бендот гостувал на музички и театарски фестивали во Македонија, Хрватска, Италија, Австрија, Словенија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Бугарија, Унгарија, Белгија, Англија, Германија, Русија, Либан, Турција, Холандија и Франција.

Фестивалот „Прилеп џез викенд“ е во организација на здружението за субкултура „ПП Џез фестивал“.

Првото издание на Охридскиот џез фестивал, пак, започна вчера со настапот на Горан Папаз и Ансамбл „Билјана“, и гостите Танче Гроздановски и Ратко Даутовски.

Вечерва (петок, 1 септември) на на програмата е концертот на квартетот предводен од Џон Илија Апелгрин.

Концертот ќе се одржи во предворјето на црквата „Света Софија“, со почеток во 20:30 часот, а влезот е слободен.

Филм: Неми и класични филмови во Кинотеката

Во Кинотеката викендов продолжува Третото издание на фестивалот на нем и класичен филм. Дел од фестивалската програма е циклусот филмови на германскиот режисер Волкер Шлондорф.

На 4 септември (понеделник) фестивалот ќе се затвори со проекција на ново- дигитализираниот филм МЕМЕНТО од 1968 година во режија на Димитрие Османли.

„Мементо“ годинава беше дел од проектот „Сезона на филмските класици“, организирана од АЦЕ (Асоцијација на европските кинотеки).

Од депоата на Хрватската кинотека при Државниот архив на Хрватска, македонската публика ќе може да проследи три циклуси на кусометражни филмови: анимираните филмови произлезени од Студиото за анимиран филм на „Загреб филм“, потоа документарни и кратки играни филмови од хрватски автори, како и циклусот неми филмови во режија на хрватскиот филмски пионер Октавијан Милетиќ. Во рамките на оваа програма, гостин на фестивалот ќе биде и Јурај Кукоч, филмски архивист и филмски критичар од Загреб.

Покрај овие циклуси, на фестивалот ќе бидат прикажани неми и класични филмови од архивот на Кинотеката. Музичката придружба на немите филмови ќе ја изведува македонскиот џез-пијанист, аранжер и композитор Гордан Спасовски.

1 СЕПТЕМВРИ (ПЕТОК)
17:00 ч.: ИЗБОР НА ДОКУМЕНТАРНИ И КРАТКИ ИГРАНИ ФИЛМОВИ НА „ЗАГРЕБ ФИЛМ“
19:00 ч.: МЛАДИОТ ТЕРЛЕС (Der junge Törless)

21:00 ч.: ДРУГАРСТВО (Kameradschaft / Comradeship)

2 СЕПТЕМВРИ (САБОТА)
17:00 ч.: ВЕРИНОТО ВОСПИТУВАЊЕ (Angi Vera)
19:00 ч.: ЛЕГЕНДАТА ЗА РИТА (Die Stille nach dem Schuss / The Legend of Rita)
21:00 ч.: ИЗБОР НЕМИ ФИЛМОВИ НА ОКТАВИЈАН МИЛЕТИЌ

3 СЕПТЕМВРИ (НЕДЕЛА)
17:00 ч.: ПЕТТИОТ ПЕЧАТ (Az ötödik pecsét / The Fifth Seal)
19:00 ч.: ИЗБОР НА АНИМИРАНИ ФИЛМОВИ НА „ЗАГРЕБ ФИЛМ“
21:00 ч.: НЕТРПЕЛИВОСТ (Intolerance)

4 СЕПТЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК)
17:00 ч.: ИЗБОР НА ДОКУМЕНТАРНИ ФИЛМОВИ НА „ЗАГРЕБ ФИЛМ“
19:00 ч.: ИЗБОР НА АНИМИРАНИ ФИЛМОВИ НА „ЗАГРЕБ ФИЛМ“

21:00 ч.: МЕМЕНТО (Memento)

Книга: Збирка раскази „Вечерен автобус“ на Стефан Алијевиќ

„Војдан седна на клупата и го крена погледот угоре кон ѕвезденото небо. Седењето беше неудобно и поради тоа гледањето кон небото беше испрекинато. На клупата фалеа штици, а на едниот крај беше шлапната една леплива розова мастика.

Порано тој ги познаваше сите соѕвездија што ја красеа северната хемисфера. Се обидуваше да се присети на тоа заборавено знаење, бидејќи сакаше да ги покаже соѕвездијата и да раскаже некоја прикаска за нив на човечката силуета што се туткаше веднаш до него на клупата….“ – извадок од еден расказ на младиот раскажувач Стефан Алијевиќ.

Авторот Стефан Алијевиќ, по потекло од Гевгелија, дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на катедрите за Општа и компаративна книжевност и Англиски јазик и книжевност. Досега негови раскази биле објавени на порталите Окно и Разноликост, и во антологијата на македонскиот краток расказ „Џинџуџе во земјата на афионите“ во издание на Темплум (2022).

„Вечерен автобус“ во издание на „Или-Или“ е негова прва објавена книга и е една од добитниците на регионалното книжевно признание „Штефица Цвек“.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново