Посилен надзор за спречување на корупцијата во јавните набавки

корупцијата

Наместени тендери, фаворизирање на понудувачи, судир на интереси и неефикасно трошење на јавните средства се дел од ризиците со кои се соочуваат локалните власти при спроведувањето на јавните набавки. Навременото препознавање на овие ризици и спречувањето на неправилностите бараат ефикасни механизми за контрола, институционална соработка и навремена размена на информации.

Овие прашања беа во фокусот на регионалната студиска посета што се одржа во Братислава, Словачка, од 7 до 9 октомври. На посетата учествуваа 50 претставници од Словачка, Албанија, Босна и Херцеговина, Молдавија, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, меѓу кои претставници на врховните ревизорски институции, институциите надлежни за јавните набавки и спречувањето на корупцијата, канцелариите на УНДП и експерти.

Клучните теми на посетата беа ревизијата на успешноста и ревизијата на Целите за одржлив развој (ЦОР), примената на податоци и дигитални алатки во ревизијата, надзорот и интегритетот во јавните набавки, спречувањето и откривањето на местење тендери, како и спречувањето на корупцијата на локално ниво. Целта беше учесниците да се запознаат со словачките механизми и практики за надзор и превенција на неправилностите и да разгледаат можности за примена на позитивните искуства во националните и локалните контексти.

„Регионалната студиска посета претставуваше можност за првпат врховните ревизорски институции, антикорупциските тела и надлежните агенции за јавни набавки од земјите на Западен Балкан и Молдавија да започнат процес на меѓусебна соработка во областа на унапредување на знаењата и вештините за превенција на корупцијата во јавните набавки, зголемување на транспарентноста, отчетноста и одговорноста при користењето на средствата на даночните обврзници, како и ревизијата на Целите за одржлив развој“, изјави Главниот државен ревизор на Република Северна Македонија, Максим Ацевски.

Во рамките на посетата, учесниците се запознаа и со искуствата на Врховната ревизорска институција на Словачка во користењето на електронската алатка MuMap – Municipalities on Map (Општините на мапа), за презентирање на утврдените состојби. Алатката придонесува за зголемување на интегритетот на врховните ревизорски институции, зајакнување на довербата на граѓаните и поттикнување на ревидираните субјекти за соодветно и квалитетно управување со јавните средства.

„Верувам дека предложениот Меморандум за воспоставување мрежа за соработка и размена на методолошки акти, податоци, информации, искуства и алатки што се користат во ревизорскиот процес ќе претставува значаен чекор кон поголема усогласеност и воедначеност на ревизорските пристапи и практики, доследна примена на Меѓународните стандарди на врховните ревизорски институции (ISSAI) и континуирано унапредување на квалитетот на ревизијата. Ваквата мрежа ќе создаде можности за меѓусебно учење, споделување знаења и добри практики, како и за заедничко надминување на предизвиците со кои се соочуваме во ревизорскиот процес, користејќи ги искуствата и достигнувањата на секоја од вклучените институции“, рече Главниот државен ревизор на Република Северна Македонија.

Во таа насока, тој ги охрабри Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Министерството за финансии на Република Словачка да продолжат со поддршката на проектните активности и регионалната соработка, како важни механизми за јакнење на институционалните капацитети и унапредување на доброто управување, транспарентноста, отчетноста и интегритетот во јавниот сектор. Поддршката е од особено значење во контекст на процесот на пристапување кон Европската Унија и исполнувањето на обврските што произлегуваат од преговарачките поглавја, особено оние што се однесуваат на јавните набавки, правосудството и фундаменталните права, спречувањето и борбата против корупцијата, како и финансиската контрола во делот на надворешната ревизија.

„Токму во овие области, зајакнувањето на институционалната соработка, примената на меѓународните стандарди и размената на знаења и добри практики се меѓу клучните предуслови за спроведување одржливи реформи, постигнување конкретни резултати и приближување кон европските стандарди и вредности“, смета Ацевски.

Во делот на јавните набавки, учесниците дискутираа за ризиците во различните фази од постапките – од рестриктивни технички спецификации и користење неконкурентни процедури до судир на интереси, неоправдано делење на набавките и измени на договорите. Посебно внимание беше посветено на препознавањето на знаците на договарање меѓу понудувачите, вклучително и ротирањето на победниците, потиснувањето на понудите и поделбата на пазарот. Програмата вклучуваше и практични примери за различните форми на договарање и предупредувачките знаци што можат навреме да укажат на нарушување на конкуренцијата.

Во рамките на посетата беа разменети и искуства од ревизиите поврзани со Целите за одржлив развој, со акцент на локалното ниво и управувањето со комуналниот отпад, како и искуства поврзани со подготовката на пилот-општински ревизии на ЦОР.

Регионалната студиска посета е дел од проектот „Паметно финансирање за одговорно локално управување“, кој го спроведуваат Регионалниот центар на УНДП во Истанбул (ИРХ), УНДП Северна Македонија и канцелариите на УНДП во Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и Молдавија, со финансиска поддршка од Министерството за финансии на Република Словачка, во рамките на „Public and Private Finance for Development Project“.

Проектот придонесува за зајакнување на институционалните капацитети за транспарентно, отчетно и ефикасно управување со јавните средства.

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?