Украинскиот специјален истражител Ѓундуз Мамедов, кој е одговорен за документирање на воените злосторства, повика на меѓународна поддршка во истрагата за потенцијалните прекршувања на меѓународното хуманитарно право во руската војна против Украина.
Мамедов за ДПА во Киев изјави дека судските власти на други земји би можеле да спроведуваат истрага за такви прашања доколку има основа за тоа. Тоа ќе биде случај ако жртвите од војната во Украина се во земји како Германија, рече тој.
– Од септември минатата година регистриравме околу 500 случаи на прекршување на меѓународното хуманитарно право. Во истрагата треба да учествуваат и други институции, нагласи Мамедов. Тој додаде дека германското законодавство е пример што треба да се следи бидејќи води правна постапка за злосторства извршени за време на војната во Сирија.
Во моментов, истражителот смета на германската влада да се „бори за создавање меѓународна институција која целосно ќе се занимава со истрагата за злосторствата против Украина“. На прашањето дали имало прекршување на меѓународното хуманитарно право и од украинска страна и дали тоа треба да се истражи на ист начин, тој изјави дека „и тоа не го оспорува“.
Од 2016 година, Мамедов е украински обвинител за Крим кој беше анектиран од Русија во 2014 година со кршење на меѓународното право, и заменик главен обвинител на Украина од 2019 до 2021 година. Мамедов моментално води група која собира докази за кршење на меѓународното хуманитарно право, а исто така ги дефинира принципите и правилата за оние кои се вклучени во вооружени конфликти.