Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Стојаноска обвини, Маричиќ отфрли: Стојаноска им нанесе срам на сите пратеници, на цел Парламент и пред сѐ на нејзината партија

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ попладнево категорично демантираше дека на пратеничката Дафина Стојаноска и испратил вербална или гестикулативна порака на денешната собраниска седница за пратенички прашања.

– Најостро ги демантирам недостојните и ниски лаги на пратеничката Дафина Стојаноска. Со пратеничката ниту сум имал било каква комуникација ниту сум ѝ испратил било каква вербална или гестикулативна порака. Ништо од тоа. Дефина Стојаноска денеска им нанесе срам на сите пратеници, на цел Парламент и пред сѐ на нејзината партија. Сепак, најголемиот срам си го нанесе себеси. Македонските граѓани заслужуваат достојно однесување од своите избраници, а не срамни потези за евтини и партиски манипулации, напиша Маричиќ на „Фејсбук“.

Достојноста на македонскиот Парламент, како што стои во статусот на „Фејсбук“ е многу поважна од личните и партиски интереси на Дафина Стојаноска и од нервозата и безидејноста која владее во нејзиниот табор.

Оваа реакција на Маричиќ доаѓа откако пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија” на прес-конференција побара, како што наведоа, остра осуда за недоличното однесување на вицепремиерот Бојан Маричич кон пратеничката на оваа партија Дафина Стојаноска на денешната пленарна седница наменета за поставување пратенички прашања.

Стојаноска обвини дека Маричиќ „го прекршил владиниот кодекс“ и како што истакна „наместо највисоки стандарди на однесување и почитување на личноста и угледот на секој поединец тој се однесуваше како неизживеан предатор, како невоспитан маж, правејќи гадни гестови со неговите усни, навредливи за секоја жена, особено на јавна сцена“.

На прашањето до Димитар Ковачевски дали ја осудува постапката на вицепремиерот Маричиќ, премиерот одговори дека „Маричиќ апсолутно се однесуваше согласно сите етички стандарди во Собранието и објави демант на обвиненијата од страна на една од пратеничките во Собранието“.

Зачлени се на нашиот е-билтен