Кенискиот претседател Вилијам Руто денеска ја поздрави резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се одобрува испраќањето мултинационални воени сили, предводени од Кенија, за борба против бандите на Хаити.
За прв пат по речиси 20 години насилство на Хаити, Обединетите нации синоќа одлучија таму да испратат воени сили бидејќи во оваа земја драстично е зголемен бројот на убиства, киднапирања и силувања, што ги извршуваат локалните банди.
Гласањето во Советот за безбедност на ОН доаѓа речиси една година откако владата на Хаити побара итно распоредување на вооружени сили за да го задуши насилството на бандите и да ја врати безбедноста што долго време спречуваше дури и оддржување избори.
Резолуцијата подготвена од САД и Еквадор одобрува едногодишно распоредување на силите што треба да се платат со доброволни прилози, а САД ветија до 200 милиони долари.
Кенија понуди да ја предводи мисијата на Хаити, што беше прифатено, иако нејзините полициски сили долго време беа обвинувани за корупција, употреба на смртоносна сила, тортура и други злоупотреби.
Засега не е јасно колкав ќе биде контингентот, но Владата на Кенија претходно зборуваше за 1.000 војници, а не се знае ни кога тие ќе заминат за Хаити, иако се очекува тоа да се случи многу скоро.