Четирите водечки партиски групи во Европскиот парламент ги поддржаа номинациите на еврокомесарот за меѓуинституционални односи Марош Шефчович за извршен потпретседател ЕК за Европскиот зелен договор и на поранешниот холандски министер за надворешни Вопке Хукстра за нов еврокомесар за климатски активности.
Како што соопшти претпладнево претседавачот на Комитетот за животна средина, јавно здравје и безбедност на храната на Европскиот парламент, Паскал Канфин одлуката е донесена откако дополнителните одговори на двајцата кандидатите ја дале „потребната јасност за клучните прашања“.
– Затоа, утрово, го имавме ова двотретинско мнозинство, изјави Канфин, најавувајќи дека сега за поддршка на нивните кандидатури европратениците ќе треба и официјално да гласаат на пленарната седница во текот на утрешниот ден.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, за поддршка на номинација на Шефчович и Хукстра се изјасниле Европска народна партија (ЕПП), Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), Обнова на Европа и Зелените, додека против биле претставниците на групата Левица, на Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР) и на екстремната десница.
Денешната одлука следи откако синоќа при гласањето во Комитетот за животна средина, јавно здравје и безбедност на храната, Шефчович и Хукстра не ја добија неопходната поддршка од најмалку две третини од неговите членови.
По ова ним им беа упатени дополнителни писмени прашања од страна на членовите на Комитетот, на кој имаа рок да дадат писмени одговори до денеска во 7 часот, по што претпладнево се одржа средба на претставници на пратеничките групи во Европарламентот, кои ја донесоа одлуки за поддршката на предложените кандидати.