Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Продолжуваат борбите по нападот на Хамас врз Израел, повеќе од 1.000 загинати

Повеќе од илјада луѓе досега се убиени во борбите меѓу Хамас и Израел кои траат и утрово, речиси 48 откако палестинската милитантна група ја нападна земјата, јави ДПА.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) утрово соопштија дека била погодена зграда во која се сместени членови на Хамас и неколку командни центри на Хамас. Меѓу центрите имало и еден што му припаѓа на Мохамед Кашта, висок член на морнарицата, соопшти ИДФ на платформата Телеграм.

ИДФ исто така гаѓаше оперативен објект на Хамас лоциран во џамија во градот Џабалија, се вели во соопштението.

Израел собрал околу 100.000 резервисти на југот, изјави портпаролот на ИДФ Џонатан Конрикус во видео објавено утрово на социјалните мрежи.

Мисијата, рече тој, е да се осигура дека Хамас повеќе нема да биде воено способен да им се заканува на Израелците и повеќе да не може да владее со Појасот Газа.

Конрикус рече дека околу 1.000 вооружени Палестинци влегле во Израел од Појасот Газа во исто време со ракетните напади на Хамас, кои почнаа неочекувано во саботата наутро. Портпаролот рече дека оделе од куќа до куќа во потрага по жртви.

Повеќе од 100 луѓе беа киднапирани од израелските градови и однесени во Газа, додаде тој.

– Нашите војници сè уште се борат и ги ловат последните терористи кои сè уште се на територијата на Израел, рече Конрикус, опишувајќи ја ситуацијата како „страшна“.

Приближно 700 Израелци се убиени, а повеќе од 2.100 се ранети, рече Конрикус.

– За жал, има голем број критично повредени луѓе кои можеби нема да преживеат. Така, за жал, астрономската бројка од 700 загинати Израелци нема да остане таква, додаде портпаролот.

– Ова е убедливо најлошиот ден во израелската историја. Никогаш досега толку Израелци не биле убиени од една единствена работа, нагласи тој.

Во израелските контра-напади врз Газа загинаа 413 Палестинци, а речиси 2.300 се повредени, соопшти тамошното Министерство за здравство.

Во меѓувреме, предупредувачки сирени се огласија во текот на ноќта во поширокото подрачје на Тел Авив и во другите градови во земјата додека Хамас истрела повеќе ракети кон Израел.

Во крајбрежната метропола се слушнаа експлозии, од кои повеќето се верува дека биле активирани од израелскиот ракетен одбранбен систем „Железна купола“. Претходно, предупредувачки сирени се вклучија во градовите јужно од Тел Авив.

Во градот Ашкелон во близина на Појасот Газа е погодена повеќекатна станбена зграда, јавуваат израелските медиуми. Првично не е јасно дали некој е повреден.

Најмалку 260 тела се пронајдени на локација каде што се одржуваше фестивал во пустината Негев, јави вчера израелскиот сајт Ynet.

Во меѓувреме, израелските контра-напади во Појасот Газа погодија и сериозно оштетија училиште управувано од Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток (UNRWA), според Обединетите нации.

– Училиштето во кое се сместени повеќе од 225 луѓе е сериозно оштетено“, се вели во соопштението на агенцијата. „Нема регистрирани жртви меѓу раселените, но училиштето претрпе значителни структурни оштетувања“

Зачлени се на нашиот е-билтен