Косовскиот премиер Албин Курти го прими денеска новоименуваниот командант на Мировната мисија на НАТО во Косово, КФОР, генерал Озкан Улуташ, со кого разговарал за безбедносната состојба во земјата по нападот на 24 септември во Бањска на северот на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Курти, според соопштението од службата за информирање на неговиот кабинет, истакнал дека е заинтересиран за силна соработка, зачестени средби и редовна комуникација со командата на КФОР.
– Централна тема на средбата беше безбедносната состојба по терористичкиот напад на Косово на 24 септември. Премиерот нагласи дека овој терористички напад ја истакна потребата од зголемена безбедност на границата меѓу Косово и Србија. Големото количество запленето воено оружје и муниција било произведено во Србија. Дури и борбените вежби на паравоените сили кои извршија терор и убиства во Бањска и Звечани се изведуваа во Србија. Косово нема јурисдикција таму, затоа е потребна меѓународна истрага во Србија за подготовките, снабдувањето и оркестрирањето на овој напад, се вели во соопштението.
Курти го поздравил зголемувањето на бројот на војниците на КФОР, како одговор на, според него, „терористичкиот напад од Србија врз Косово“. Тој нагласил дека “ова зголемено присуство треба да се сконцентрира на одржување на границата меѓу Косово и Србија, од каде што влезе српското вооружување и од каде што доаѓа заканата за Косово“.
– Чувањето на границата значи и затворање на дивите патишта, поради што е неопходна поголема соработка со косовската полиција. Премиерот Курти ја нагласи и потребата од косовските институции да се обезбедат редовни услуги за граѓаните на северот на земјата и затоа мора да се гарантира слободата на движење, се вели во соопштението по средбата на Курти со командантот на КФОР.