Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

За 114 дена, вкупно 34 лажни закани за поставени бомби во 469 локации

Во периодот од 19.10.2022 до 09.02.2023 година има вкупно 34 дојави за поставени експлозивни направи на 469 локации, повеќето се во училишта, а дел се во државни институции и во трговски центри, велат од МВР за ЦИВИЛ Медиа.

Првата лажна закана за поставена бомба беше на 19 октомври 2022 во автобусите на ЈСП, а сторителот веднаш беше приведен. Како што информираат од МВР, осомничениот се заканил дека бомбата ќе експлодира за време на протестот на вработените на ЈСП поради неисплатена плата за септември.

Другата лажна закана е на 26 октомври 2022 дека е поставена бомба во осум училишта во Скопје. Лажната закана за бомба во училиштата во Скопје беше „темпирана“ за време на постета на претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон Дер Лајен, која со македонскиот премиер Димитар Ковачевски го потпишаа Договорот за Фронтекс на македонски јазик, без додавки, ѕвездички и фусноти. Исто така, Фон дер Лајен најави 80 милиони евра грант за Северна Македонија како итна помош за справување со енергетската криза.

Потоа следуваа низа лажни закани за бомби во училиштата, трговски центри, хотели, МРТВ, станбени објекти, железничка и автобуска станица, скопскиот аеродром…

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, веднаш по првата закана за бомба во училиштата изјави дека никој не смее да дозволи да се игра со судбините на децата и додаде дека ова е сензитивна тема и без разлика кој го нарачува сето ова треба да има на ум дека не може да се игра со системот и со граѓаните на Република Северна Македонија.

Истрагата е во тек, ги знаеме првите податоци за тоа од каде се испратени тие меилови. Најважно е да успееме да ги откриеме сите ИП адреси од каде доаѓа овој, би рекол, монструозен чин, без разлика дали станува збор за хибриден напад врз Северна Македонија или политички игри, како една од претпоставките. Без разлика на што се однесува, никој не смее да дозволи да се игра со судбините на децата и на сите нас, ова е сензитивна тема и сметам дека без разлика кој го нарачува сето ова треба да има на ум дека не може да се игра со системот и со граѓаните на Република Северна Македонија”, истакна министерот Спасовски (на 27 октомври 2022 година).

МВР досега поднесе неколку пријави за лажно заканување со бомби во училиштата:

На 5 декември 2022, малолетник од Скопје, доби кривична пријава откако признал дека испратил лажна дојава за бомба до четири средни училишта во Скопје, што претставува прв случај на откривање на сторител кој испратил дојава за експлозивна направа во училишта.

На 23 декември 2022, поднесена е кривична пријава против 15-годишник од Кавадарци за испраќање лажни дојави за бомби во Кавадарци. Малолетникот се товари за сторено кривично дело „Тероризам“.

На 12 јануари 2023 година, МВР ја привеле А.К. (55) од Скопје, осомничена дека на 11.01.2023 од мобилен телефон се јавила телефонски во Управата за финансиско разузнавање во Скопје и лажно пријавила дека се поставени експлозивни направи во училишта во Скопје.

„Веднаш по добиената пријава преземени се соодветни мерки и активности и утврдено е дека пријавата е лажна, а А.К. (лице со здравствени проблеми) е пронајдена и приведена, соопштија од МВР.

Известен е Јавен обвинител и по документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 17 јануари 2023 година, прилепската полиција и обвинителството расчистија случај во кој седумгодишен малолетник лажно пријавил дека била поставена експлозивна направа во училиштето во селото Житоше во општина Долнени. Како што информираат од СВР Битола, на 16 јануари во 18.16 часот, од својот мобилен телефон малолетникот, во присуство на неколку други малолетници, телефонски пријавил во полицијата дека во училиште во селото Житоше има поставено бомба.

Освен овие неколку случаи во кои се откриени лажните „бомбаши“, МВР се уште работи на откривање на вистинските сторителите кои ги испраќаат (лажните) закани за бомби.

Дехран Муратов

Фотографија: Ангел Ангеловски

(ЦивилМедиа)

Зачлени се на нашиот е-билтен