Студентите и активистите кои доброволно собираат помош на градскиот Плоштад во Скопје, во вид на облека, обувки, ќебиња и други потребни работи за луѓето од регионите погодени од земјотресот во Турција и Сирија, апелираат да не се донираат стари и оштетени работи. Тие најавија дека од денеска ќе примаат донации само нови продукти во пакувана форма
Студентите и активистите кои доброволно собираат помош на градскиот Плоштад во Скопје, во вид на облека, обувки, ќебиња и други потребни работи за луѓето од регионите погодени од земјотресот во Турција и Сирија, апелираат да не се донираат стари и оштетени работи. Тие најавија дека од денеска ќе примаат донации само нови продукти во пакувана форма.
– Се донираат вечерни фустани, облека и обувки што се за фрлање, папучи за на плажа и слични нешта коишто и нас како студенти не воведуваат во непријатна состојба. Ние мораме после да ги делиме работите што се за фрлање и тие што треба да ги испратиме за луѓето од регионите што беа погодени од земјотресот. И тие се луѓе, колку и да се во тешка состојба не е човечки да донираме работи од коишто сакаме само да се ослободиме и да ги фрлиме, вели Егемен Ејуп Јуксел, еден од активистите.
Тој истакна дека засега имаат потреба на големи количина кутии и широк селотејп за пакување на целата донација којашто стигнува, како што вели, од страна на добронамерните луѓе, но и за ослободување од предметите што луѓето ги дале, како што рече, едноставно за да се ослободат од тие предмети.
Активистите информираат дека е собрана голема количина помош, но според нив, таа помош не би стигнала до луѓето коишто имаат потреба од истата без помошта на одредени компании.
– Се соочивме со ситуација каде што немавме како да ја испратиме таа помош до луѓето таму, но благодарение на компаниите „Лимак“ и „Берович“ и нивниот персонал коишто дојдоа со камиони и многу ни помогнаа за собирање и пакување на сите донации, и тие ги носат пакетите во регионите зафатени од земјотресот. Денеска исто така се јави и еден бизнисмен кој сакаше да биде анонимен и рече дека ќе прати и цел контејнер за превоз на донациите, рече Егемен.
Тој исто така информираше дека до сега шест шлепери се тргнати кон регионите погодени од земјотресот, а вечерва се очекуваат да стигнат уште четири шлепери за да ги соберат и останатите делови од донациите. (МИА)