Русија објави дека започнува нова офанизива кај Бахмут, но ако тоа е тоа, би рекла изгледа многу патетично, а Украина спрема своја офанзива, изјави Викторија Нуланд, помошничка државен секретар за политички работи.
Во пресрет на годишнината од почетокот на руската инвазија на Украина, таа рече „колку е тешко да се помисли дека оваа војна трае веќе цела година“.
-Но не само тоа што Украина се бори храбро, денес над 50 земји обезбедија десетици милијарди долари воена, економска и хуманитарна помош за неа, изјави таа.
-Путин сeриозно ги потцени Украинците и слободниот свет… и додека претседателот на Украина истакна десет точки, формула за праведен мир, Русија продолжува да зборува за лажен мир, рече таа.
Додаде дека она што САД го бараат е траен мир во кој Украина не само што ќе преживее, туку и ќе напредува во своите меѓународно признати граници.
-Нема да прифатиме никаков лажен или фалсифициран мир во кој Русија ќе можe да се соземе, регрупира и врати.
Таа истaкна дека војната продолжува измачувачки на истокот.
-Русија објави дека започнува нова офанзива кај Бахмут, но ако тоа е тоа, би рекла изгледа многу патетично. Украина самата се подготвува за своја офанзива подоцна.
Нуланд рече дека „салутира“ на храброста и пожртвуваноста на украинскиот народ, воден од претседателот Зеленски.
-Не само што тие се борат на военото поле, туку тие ја издржуваат оваа насилна ескалација што Путин ја започна против нив во форма на напад на енергетски и друга критична инфраструктура. Неселективно напаѓајќи цивили, бомбардирајќи градови, и секако злотворната филтрација на украинските деца во Русија. Тие треба да се засрамат, рече таа.
Во текот на брифингот таа се осврна и на прашања за вооружувањето на Украинците, новите санкции против Русија што треба да бидат објавени идната недела на 24 февруари и изгледите за окончување на војната во 2023 година. (МИА)