Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Народните избраници сакаат да бидат полицајци, обвинители и судии

Спроведувајќи парламентарна истрага за истрагата на МВР, пратениците можат да ја загрозат постапката и да го „ослободат“ Љупчо Палевски

Пишува: Слободанка ЈОВАНОВСКА

Политичкото самоволие добива карикатурални димензии во македонското Собрание. Заштитени со епитетот народни избраници пратениците, главно од опозицијата, ја парализираат државата, ги кочат реформите, ни го губат времето, ни ги трошат парите и ги зголемуваат фрустрациите во општеството.

Последните месеци, како што се подготвуваат за избори, почнаа да покажуваат амбиции да прават сѐ, само не тоа што им е надлежност според  Уставот – да бидат судии место судиите, да бидат обвинители место обвинителите, да водат истраги и, како најново, да бидат полиција место вработените во Министерството за внатрешни работи.

Откако ВМРО-ДПМНЕ ја исполитизира аферата околу препродажба на цитостатици во Клиниката за онкологија без некој корисен резултат, деновиве лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, побара, а пратениците од опозицијата одобрија, Министерството за внатрешни работи да им ги достави во рок од 15 дена „сите информации“ што ги поседуваат околу убиството на Вања Ѓорчевска. Па така, во рок од две недели министерот Оливер Спасовски треба да дојде во Комисијата за одбрана и безбедност и да им презентира информации и докази на пратениците како се водела истрагата и  дали потфрлила превенцијата, бидејќи според обвинувањата, МВР требало да го заплени возилото пред да се случи убиството – како да нема други возила во државата што можеле да се искористат и без објаснување за што?

Спасовски ќе треба да им каже, исто така, дали убиството е последица на партизација, на политичка заштита на говорот на омразата, на толеранцијата кон криминалните структури и на екстремните однесувања, а со цел – да се бара можна политичка одговорност на власта. И сите тие докази, кои се дел од тековната истрага, да им ги сервира на тие кои секојдневно се обвинуваат кој е поголем заштитник на криминалните структури и за кого одработувал Љупчо Палевски, без да се води сметка како ќе влијае тоа на судската постапка и дали информациите нема да завршат во рацете на тие што се инволвирани во убиството на Вања. И без да се води сметка како ваквата исполитизирана расправа ќе влијае на семејството на жртвата.

Одлуката да се прифати барањето на Трајанов е воедно најава дека за секое идно убиство во државата пратениците ќе сакаат да расправаат и ќе ја замајуваат јавноста, создавајќи недоверба во полицијата и тогаш кога успешно ќе си ја заврши работата, пред сѐ за да привлечат внимание што се повеќе го губат, да сеат дефетизам, да ја уриваат власта и да го растураат одвнатре МВР – само затоа што Спасовски се гледа како можен кандидат за претседателската функција.

Јасно е дека деструктивноста на политичките партии во Македонија освојува нови врвови и дека место да расправаат за егзистенцијални нешта и да создаваат услови за подобар живот, тие метастазираат со своето влијание и притисок во сите институции и како такви допираат до сите пори на општеството. А, тоа веќе не се препознава, бидејќи движечка сила стана забавувањето на сѐ и сешто, недовербата во секого, уривањето на угледот, стопостотната негација на работењето, политичка ароганција и парламентарен јавашлук.

Политичките партии толку многу си ја присвоија државата што почнаа да ја преземаат улогата на обвинителствата, на судовите и на министерствата, давајќи си за право да водат истрага за истрагата на полиција и да решаваат место неа за убиството на Вања, да мешаат политика каде што треба стручност, да манипулираат таму каде што треба да пресудат доказите, да фрлаат сенка врз законитоста на постапката, па и да ја загрозат со парламентарната дебата, до толку што може и да го „ослободат“ Палевски заради нефер одбрана. 

А, сето тоа со цел да ја користат истрагата за свои политички и други интереси, место да ја остават полицијата да си ја врши работата како во сите нормални земји, ослободена од нивните политички мешања, затоа што ова што се бара од МВР излегува од рамката за парламентарна контрола што им е обврска со функцијата. Уште повеќе што настаните покажаа дека Палевски е креација токму на мешањето на подземјето со политиката и дека тој ги користел партиите, а не МВР, за да се заштити во правењето криминал. 

Наспроти Трајанов, кој бара пратениците да спроведуваат истраги, во други држави тие расправаат за развојни стратегии, за иновации, за заштеди, за безбедност и други сфери во кои Македонија заостанува драматично. Рационалните агенди се заменија со политички циркуси, а партиите се  претвораат во крвожедни структури кои не пропуштаат ниту една трагедија, несреќа или друг тип на драма во Македонија а да не ја употребат за политички цели.

Место да биде демократска, Собранието сѐ повеќе се претвора во токсична институција која никого вистински не претставува и чија работа никого не интересира, бидејќи нема никаков опиплив бенефит од нивната работа. Па, и спротивно, изминатите четири години покажаа дека се поткупливи, изгласаа неколку штетни закони, го кочеа со децении усвојувањето на новиот деловник што треба да ја унапреди токму нивната работа и со децении ги договараат изборните реформи што треба да обезбедат пофункционална демократија и исполнување на еден од политичките услови на ЕУ за преговори.

Застрашувачко за секој разумен граѓанин на Македонија е сознанието колку проблеми остануваат нерешени додека траат ваквите партиски надмудрувања и политички циркуси во Собранието и колку неконтролирани стануваат апетитите на политичките структури кои не дозволуваат да профункционираат независно институциите како во сите нормални држави, далеку од нивните партиски конструкции и политички труења. (Независен)

Зачлени се на нашиот е-билтен