Земјотрес со интензитет од 4,5 степени според Рихтеровата скала денеска попладне го погоди источниот дел на Турција, соопшти Европскиот медитерански сеизмолошки центар (ЕМСЦ).
Како што објави ЕМСЦ на својата веб-страница, повикувајќи се на податоците на турската Управа за вонредни состојби и земјотреси АФАД, потресот е регистриран на длабочина од пет километри, на 25 километри северо-северозападно од градот Адијаман.
Засега нема информации за евентуални жртви и причинета материјална штета.
На 6 февруари два катастрофални земјотреси погодија делови од Турција и Сирија. Бројот на жртвите се зголемува секојдневно, а досега загинале повеќе од 46.000 луѓе.