Грција и Турција се партнери, сојузници и наши пријатели и продолжуваме да соработуваме со нив и преку НАТО за безбедноста во регионот, да ги решаваме прашањата на дипломатски начин и да избегнуваме закани кои ја зголемуваат тензијата, порачал американскиот државен секретар Ентони Блинкен за време на прес конференцијата со шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, објави грчкиот весник „Катимерини“.
Блинкен, говорејќи за односите меѓу Грција и Турција, потенцирал дека двете земји се во предизборен период и е важно разликите да се решаваат дипломатски и мирно.
Дендиас истакнал дека Грција ќе продолжи да ѝ помага на Турција во справувањето со последиците од земјотресот и доколку се подобри климата тоа ќе влијае и на политичкиот дел, но Атина не се стреми кон тоа со помошта да добие нешто за возврат.
Американскиот државен секретар и шефот на грчката дипломатија ги истакнале одличните билатерални односи, а на денешната средба во Атина го означиле почетокот на четвртиот стратешки дијалог меѓу двете земји во повеќе области.