Центарот за развој на Југоисточниот плански регион за една и пол деценија постоење раскажа многу успешни приказни. Пред 15 години беше отворена првата страница од празната книга, која сега е полна со реализирани над 100 проекти, од кои 15 се европски и се дел од прекуграничната соработка со Бугарија и Грција.
Токму под мотото „Еден регион-безброј приказни“ беше одбележано постоењето и работата на Центарот, а на пригодна свеченост, што се одржа на почетокот на декември лани, беа презентирани резултатите од досегашното работење и на поголем број институции и поединци им беа врачени плакети и благодарници.
Според директорот на Центарот, Ѓоко Камчев, Југоисточниот регион е една успешна приказна и затоа треба сите да се горди, бидејќи приказната стана препознатлив бренд на македонскиот југоисток и се нарекува Центар за развој на Југоисточниот плански регион.
– Нашата визија е подобрување на условите за живот на жителите од нашиот Југоисточен плански регион. Во 2023 година реализиравме повеќе проекти според договорите со Бирото за рамномерен регионален развој и Министерството за локална самоуправа. Целосно се завршени 11 проекти, а уште два се во завршна фаза и се надевам дека до средината на декември во регионот ќе заврши оваа приказна согласно договорите потпишани со општините, приказна која тежи скоро 90 милиони денари, кои се инвестирани во проекти коишто го подобруваат животот на сите граѓани од нашиот Југоисточен регион, истакна Камчев.
Додаде дека во изминативе 15 години Центарот не е само институција, туку, како што вели, е срцето и душата на регионот.
– Во текот на годините имавме привилегија да бидеме сведоци на значајни достигнувања и промени во различни сфери на општественото живеење. Ги истакнувам успесите кои беа постигнати со реализацијата на проектите кои се плод на прекуграничната соработка со Бугарија и Грција, како и со Центарот за управување со кризи (ЦУК). Тука е и проектот со нашите партнери од Бугарија-Асоцијацијата на југозападни општини од Благоевград, преку кој проект беа едуцирани и обучувани пожарникари и доброволните против пожарни друштва од целиот наш регион и се набавени 112 униформи, односно целосно беа опремени припадниците на против пожарните единици, подвлече Камчев.
Поранешната директорка на Центарот, Жулиета Ѓуркова, која е во оваа институција од самото формирање, вели дека идеја-водилка во изминативе 15 години е еден цитат од Мартин Лутер Кинг: „Верба е да го направиш првиот чекор дури и кога не го гледаш целото скалило“.
– Заедно со мал број соработници, со нашите поддржувачи и со градоначалниците тргнавме кон остварување на нашата визија за регионот која ветуваше многу можности. Продолживме со мали, но цврсти чекори и започнавме да ги создаваме нашите приказни соочувајќи се секојдневно со предизвиците и неизвесноста, но со голема верба за успех и напредок.Успеавме да создадеме институција за почит, бренд, која ќе ги обедини сите 10 општини во Југоисточниот плански регион, да бидеме први во државата и да бидеме препознатливи надвор од границите. Носевме одлуки кои направија разлика во животите на нашите сограѓани. Нашиот регион стана пример за иновација, соработка и визионерство, подвлече Ѓуркова.
Претседателот на Советот за развој на Југоисточниот плански регион и градоначалник на Василево, Славе Андонов, истакна дека во изминатиот период со заедничка работа на десетте општини и Центарот е постигнато многу.
– Петнаесет години имаме континуиран плански развој на регионот, 15 години јакнење на капацитетот на регионот и на секоја од општините посебно. Толку години сме посветени на развојот и реализацијата на секое населено место со акцент на подрачјата со специфични развојни потреби и исто толку години во кои сме сведоци на многу реализирани проекти и активности преку кои видливо е подобрен животот на сите граѓани во региоонот, рече Андонов.
Инаку, според статистичките податоци овој регион е втор по развиеност во нашата држава, а според можностите овој регион е уникатна колекција на посебности кој на својата територија има многу туристички локалитети, вклучувајќи го и Дојранското Езеро. Затоа, токму и туризмот беше препознаен како една од водечките стопански гранки во Југоистокот и се реализирани околу 30 проекти со што регионот е ставен на мапата на привлечни дестинации за туристите. Реализирани се и многу проекти со акцент на инфраструктурата, заштитата на животната средина и противпожарната заштита.
Југоисточниот плански регион ги опфаќа општините Струмица, Радовиш, Конче, Василево, Босилово, Ново Село, Валандово, Дојран, Гевгелија и Богданци.
Ристо Тасев
Фото: МИА