Секоја војна има три елементи – воен, психолошко пропаганден и економски. Мора да се истакне дека војната во Украина не започна лани, туку во 2014 година, значи оваа војна не трае една година туку многу повеќе, меѓутоа пред сè Европа сака да си ги исчисти своите флеки на валканата совест, бидејќи ја фрли раката од телото на гладниот лав и сметаше дека ќе го спаси. Тоа е истото што го направи Невел Чембрленд во 1936 година кога мислеше дека ако му даде судетите (делови од Чешка) на Хитлер дека така ќе се спаси, на крај Чембрленд можеше да присуствува на распад на британската империја во 1945 година. Секогаш кога не се учат грешките од историјата тие се повторуваат, вели Љубомир Костовски, новинар и политички аналитичар, на конференција „Украина – година на хероизмот“, на невладината организација за човекови права и слободи, ЦИВИЛ – Центар за слобода и Амбасадата на Украина во Република Северна Македонија.
„Во 2014 влегоа војници без никакви ознаки и го освоија Крин. Кукавички чин е тоа што војниците немаа ознаки на униформите, тоа ја отсликува целата филозофија на Путин. Со наводни референдуми, демек народот сам себе се ослободил. Потоа се потпиша еден многу срамен договор Минск2, а Минск 1 не беше толку страшен, и луѓето не ни го коментираат веќе тој срамен договор, бидејќи тоа е капитулација на Украина. Русија имаше време 8 години да се подготви за оваа војна“, вели тој.
Костовски нагласи дека херојот на поновото време е поранешниот бугарскиот премиер Кирил Петков кој успеал во последен момент да ја снабди украинската армија со потребното гориво за да ја активира целокупната своја артилерија, тешкото оружување. Според него, без тоа оружување ќе имаше многу жртви и додаде дека украинската армија направи страшни подвизи и се надмина себеси.
Тој додава дека белградски режисер Горчин Стојановиќ кажал дека не може да направи филм или драма за Украина бидејќи за драмската стуктура ти требаат јунаци, еден, два, три, а во овој случај целиот украински народ е јунак.
„Ме прави горд тоа што преку НАТО и помагаме на Украина, но, не ме прави горд пропагадно психолошкиот сегмент бидејќи мојата земја и мојот народ покажа голема кревкост во тоа како се поддржува една војна. Среќа што има временска прогноза инаку вестите за Украина ќе беа последни.
Руската пропаганда ги злоупотребува ликот и делата на Достоевски, Чејковски, Толстој… Сите овие авотори беа против војни, пример Достоевски вели: „солзите на едно дете се поважни од целиот свет“, не може таков писател да се употребува за војна“, вели тој.
Костовски потенцира дека руска пропаганда е вешта, никој не се запраша зошто сега почна да има закани за бомби и во прилепските училишта, покрај скопските?
„Закани за бомби има затоа што се отвори конзулат на Украина во Прилеп и ние сме жртва на руската пропаганда“, вели Костовски.
Костовски додаде дека економската криза не е само поради војната, туку има влијание и од пандемијата со Ковид-19.